Ова е голем скандал со меѓународни последици, директно поткопувајќи го режимот на санкции на САД и надворешната политика на ЕУ. Оваа одлука, исто така, му штети на нашиот пат кон членство во ЕУ, бидејќи пораката е дека Северна Македонија се користи од криминалци барани од други земји за да се заобиколат напорите на нашите сојузници да ги изолираат олигарсите на Путин во услови на руска агресија врз Украина, посочи пратеникот Халил Снопче
Владата веднаш да ја откаже одлуката за доделување државјанство на Олександр Онишченко, а директорот на Агенцијата за национална безбедност и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да поднесат остваки, побараа денеска од Алијанса за Албанците. Како што објави денеска Призма, Онишченко во мај годинава добил македонско државјанство, иако се наоѓа на листата на санкционирани личности од Соединетите Американски Држави, на која е ставен во јануари 2021 година, поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“.
„Ова е голем скандал со меѓународни последици, директно поткопувајќи го режимот на санкции на САД и надворешната политика на ЕУ. Оваа одлука, исто така, му штети на нашиот пат кон членство во ЕУ, бидејќи пораката е дека Северна Македонија се користи од криминалци барани од други земји за да се заобиколат напорите на нашите сојузници да ги изолираат олигарсите на Путин во услови на руска агресија врз Украина. Освен тоа, усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ не значи ништо доколку Владата донесе такви одлуки кои директно ги поткопуваат санкциите на нашите сојузници“,
посочи пратеникот Халил Снопче од АА.
Во подготовката на позитивната препорака, Онишченко да добие државјанство на Северна Македонија, како што додаде тој, се вклучени повеќе институции: Федерацијата за коњички спортови, Олимпискиот комитет, Агенцијата за спорт и млади, како и Агенцијата за национална безбедност.
„Од овие причини, ја повикуваме Владата веднаш да ја откаже одлуката за доделување државјанство на Онишченко. Бараме челниците на четирите релевантни агенции веднаш да поднесат оставки, особено директорот на Агенцијата за национална безбедност, којшто со позитивно мислење за Онишченко директно ја загрози националната безбедност. Бараме министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, веднаш да поднесе оставка од морални причини, за ставање на барањето за државјанство на Онишченко на дневен ред на Владата на сосема нетранспарентен и непримерен начин и позитивната одлука која е во директна спротивност со меѓународните обврски на Северна Македонија“,
рече Снопче.