Пријавата е поднесена во врска со престојот на Назим Буши во луксузен хотел во Истанбул во октомври 2020 година, престој вреден десетици илјади евра но, според заменик министерот овој износ е платен од непознати лица, што претставува подарок што е во спротивност со позитивните прописи, велат од АА
Алијанса за Албанците до Државната комисија за спречување на корупција поднесе пријава за сомневање за корупција против Назим Буши, заменик министер за внатрешни работи.
Пријавата е поднесена во врска со престојот на Назим Буши во луксузен хотел во Истанбул во октомври 2020 година, престој вреден десетици илјади евра но, според заменик министерот овој износ е платен од непознати лица, што претставува подарок што е во спротивност со позитивните прописи.
Во образложението поднесено до ДКСК од Алијанса за Албанците се вели дека ваквото лекомислено прифаќање на подарок од непознато лице претставува флагрантно кршење на член 58 од Законот за спречување на корупција и член 6 од Уредбата за критериумите, начинот на давање и примање на дарови, пријавувањето на даровите, начинот на процена, начинот на доплата на личен дар, како и користењето, чувањето и евиденцијата на стварите што станале сопственост на државна сопственост кои предвидуваат дека државен функционер може да прими личен дар чија вредност не ја надминува вредноста од 100 евра во денарска противредност.
„Заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши не го пријавил примениот ‘дар’ навреме туку тоа го обелоденуваат домашните медиуми. Сметаме дека во конкретниот случај се прекршени повеќе закони, а постојат и основи за сомневање за постоењето на кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик. Затоа апелираме до ДКСК да ги истражи случајот и навреме да ги информира граѓаните и надлежните истражни органи на државата“,
се наведува во образложението од Алијанса за Албанците до ДКСК.
Викендов албанскиот портал „Ора њуз“ објави ексклузивно видео на кое се гледа како македонскиот заменик министер за внатрешни работи, Назим Буши е во претседателскиот апартман на „Парк Босфор хотел“ во Истанбул, каде ноќевање чини 20 илјади евра.
„Скандалите на владини членови ги преминуваат границите. Со месечна плата од само 1 500 евра, заменик министерот за внатрешни работи на Македонија, Назим Буши, спие во хотел во Турција каде ноќевање чини 20 000 евра. Кој му ја платил сметката за претседателскиот хотел во Истанбул, а на видеото се гледа и неговиот син во друштво на две девојки“,
наведоа од „Ора њуз“.
Заменик министерот за ова одговори дека се работи за приватно патување од здравствени причини, планирано пред да стане заменик-министер. Во Турција патувал во октомври 2020 година, а стана заменик министер на 23 септември истата година.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потоа побара одговор од Буши како владин функционер да каже како заработил 20 000 евра за ноќевање или кој е интересот на тој што му го платил ноќевањето.