Мора да каже како со 20 000 евра успеал да си го плати тоа ноќевање, односно од каде ги стекнал тие пари и доколку тој не го платил, тогаш кој е тој што го платил тоа сместување и кој е неговиот интерес
Буши како владин функционер да каже како заработил 20 000 евра за ноќевање или кој е интересот на тој што му го платил ноќевањето. Ова прашање Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник му го упати на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши на денешната прес конференција.
Ковачки во одговор на новинарско прашање поврзано со сместувањето на Назим Буши, заменик министер за внатрешни работи, во хотел во Истанбул кое изнесувало 20 000 евра, побара тој да каже како успеал да го плати тоа ноќевање, односно како ги стекнал тие пари. Ковачки додаде дека ако пак Буши не го платил тоа сместување да се даде одговор кој е тој што го платил односно кој е интересот на тој што го платил тоа сместување.
„Секако дека ќе продолжиме да бараме одговорност. Господинот Назим Буши е владин функционер и тој како јавна личност мора да биде одговорен пред граѓаните. Мора да каже како со 20 000 евра успеал да си го плати тоа ноќевање, односно од каде ги стекнал тие пари и доколку тој не го платил, тогаш кој е тој што го платил тоа сместување односно кој е интересот на тој што го платил тоа сместување. Јавноста ги чека одговорите“,
рече Ковачки.
Прашањето на Ковачки доаѓа откако вчера албанскиот портал „Ора њуз“ објави ексклузивно видео на кое се гледа како македонскиот заменик министер за внатрешни работи, Назим Буши е во претседателскиот апартман на „Парк Босфор хотел“ во Истанбул, каде ноќевање чини 20 илјади евра.
„Скандалите на владини членови ги преминуваат границите. Со месечна плата од само 1 500 евра, заменик министерот за внатрешни работи на Македонија, Назим Буши, спие во хотел во Турција каде ноќевање чини 20 000 евра. Кој му ја платил сметката за претседателскиот хотел во Истанбул, а на видеото се гледа и неговиот син во друштво на две девојки“,
наведоа од „Ора њуз“.
На ова, вчера, Буши одговори дека се работи за приватно патување од здравствени причини, планирано пред да стане заменик-министер. Во Турција патувал во октомври 2020 година, а стана заменик министер на 23 септември истата година.