Шуковски доаѓа на местото на Сашо Дранго кој пред два месеца објави фотографија на која позира со убиена мечка

Александар Шуковски е в.д. заменик-директор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“.
За назначувањето на функцијата заменик-директор соопшти самиот Шуковски на својот фејсбук-профил кој во објавата упатува благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, членовите на Владата и членовите на Управниот одбор на институцијата.
„Дадената доверба е голема обврска, но и одговорност, затоа можам да ветам дека напорно ќе работам за да ја оправдам довербата која ми е дадена“,
напиша Шуковски.
За оваа информација што ја објави Шуковски нема потврда од Владата, а на веб-страницата на Јавното претпријатие во делот каде што е наведен тимот што го раководи сè уште кај заменик-директор стои името на Сашо Дранго.
Шуковски доаѓа на местото на Сашо Дранго кој пред два месеца објави фотографија на која позира со убиена мечка.
Фотографијата предизвика реакција од членовите на невладината организација за заштита на животните „Анима мунди“ кои бараа тој кривично да одговара.
Премиерот Мицкоски по ова рече дека од Дранго ќе бара одговорност и негово разрешување од функцијата ако се потврди дека заменик-директорот на „Македонија пат“ ја застрелал мечката со која се фотографираше. Таквите девијантни однесувања, како што рече, ако се потврдат, нема да ги оправда ниту амнестира.
„Не сум убеден во точноста на неговата верзија дека случајно нашол утепана мечка на пат, но мораме да најдеме начин, односно ние мораме да ги запазиме процедурите за да дојдеме до решение, а рековме има истрага. Таа истрага ќе се заврши. Доколку, а не сум убеден, повторно ќе кажам, дека тоа што го кажува е така, дека мечката ја нашол на пат и дека сето тоа така се завршило, доколку истрагата констатира и го потврди тоа, се разбира дека неговиот в.д. мандат нема да биде продолжен“,
рече тогаш Мицкоски во интервју за „360 степени“.
Дранго ги негираше тврдењата на Здружението, велејќи дека тој не ја застрелал мечката туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа, а оти тој и вработените во претпријатието ја тргнале од коловозот, по што тој се фотографирал со неа.
Основното јавно обвинителство во Битола оформи предмет по допрен глас на кој уште работи.
Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането. Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци.