Премиерот смета дека со тоа што директорот на АНБ добил безбедносен сертификат од највисок вид, паднале во вода тезите дека тој не ги исполнува условите
За заменик-директорот на „Македонија пат“ вели дека не е убеден во неговата верзија дека случајно нашол утепана мечка на пат, но дека ќе сочека да заврши истрагата на Јавното обвинителство

Тезите во јавноста дека Бојан Христовски не ги исполнува условите да биде директор на АНБ паѓаат во вода, со оглед на тоа што тој поседува безбедносен сертификат од највисок вид, вели премиерот Христијан Мицкоски и покрај тоа што сертфикатот го издава домашна институција.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан зошто одлучи да го спасува Христовски, премиерот тврди дека нема зошто да спасува функционер кој постигнува вонсериски резултати.
„Неспорен факт е дека Бојан Христовски во моментот е носител на сертификат за безбедност што е од највисок вид. Не само кај нас локално како држава, туку зборувам и во рамките на НАТО. Тој сертификат го поседуваат 36 луѓе, меѓу кои сум и јас. Дванаесет вработени во ДБКИ, односно Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и луѓето коишто работат во НАТО-мисијата во Брисел. И тој сертификат го поседува Бојан Христовски“,
одговори премиерот.
На забелешката дека тој сертификат го издава македонска институција по проверки од АНБ, тој дополнува:
„Институција која работи врз основа на строгите правила и мониторинг на НАТО. Затоа што не може вработени во НАТО-периметарот, коишто го поседуваат овој сертификат издаден од истата институција, да не се мониторирани од самата НАТО-структура или, пак, седиште на НАТО. Така што, апсолутно со сето ова, сите оние тези во јавноста дека тој не исполнува услови за безбедносен сертификат или не знам што, паѓаат во вода“.
Премиерот беше дополнително прашан зошто реши да не ги види аргументите што беа јавно објавени, а се однесуваат на тоа дека јазично студио „Јулија“ во Пловдив не постои, дека таа фирма најмалку од 2019 г. наваму нема никаква деловна активност (наводниот сертификат е со датум од 2022 година), дека две директорки на јавни институции беа осудени и признаа дека приложиле фалсификувани сертификати со лого на истото школо „Јулија“, дека во упатство на Агенцијата за администрација за тоа каде може да се полага ТОЕФЛ-тест е посочен Пловдив, но со сосема друго училиште – „Класик“, а не „Јулија“.
„Претпоставувам дека Обвинителството пријави дека ќе покрене случај, да го почекаме, да видиме кој ќе биде исходот од тој случај, па да носиме заклучок“,
рече Мицкоски.
Според него, директорот на АНБ изминатите недели односно месеци откако е именуван, покажал извонредни резултати и разбил, како што вели – „три многу сериозни терористички ќелии“ во државава.
На прашањето ако фалсификувал документ еднаш, како може да му се верува дека тоа нема да го направи и во иднина, Мицкоски одговори:
„Дозволете да имаме различни мислења. Јас, сепак, ќе почекам да видам што ќе одлучи онаа институција којашто треба да одлучи. Јас, како што разбрав, Обвинителството покренало случај, па да видиме што ќе каже поврзано со сето тоа. А јас како претседател на Владата можам да судам врз основа на квалитетот на извршување на работните задачи коишто мислам дека се вонсериски во овој момент“.
- Антикорупциска се прогласи за ненадлежна за валидноста на ТОЕФЛ-сертификатот на Христовски
- Случај Бојан Христовски: Има ли судир на интереси во ДКСК?
За случајот кој ја вознемири македонската јавност, а се однесува на Сашо Дранго, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој е заменик-директор на „Македонија пат“, кој со ловечка опрема неодамна се сликаше покрај усмртена мечка, премиерот Мицкоски е далеку поблаг во одговорот, па вели – ако се утврди вина, нему нема да му се продолжи мандатот.
- (ФОТО) „Анима мунди“: Заменик-директорот на „Македонија пат“ убил мечка и гордо позирал со неа, ќе поднесеме кривична пријава
- Во билтенот на МВР нема податок дека во сообраќајка во декември е усмртена мечка, како што тврди Дранго – велат од „Анима мунди“
„Не сум убеден во точноста на неговата верзија дека случајно нашол утепана мечка на пат, но мораме да најдеме начин, односно ние мораме да ги запазиме процедурите за да дојдеме до решение, а рековме има истрага. Таа истрага ќе се заврши. Доколку, а не сум убеден, повторно ќе кажам, дека тоа што го кажува е така, дека мечката ја нашол на пат и дека сето тоа така се завршило, доколку истрагата констатира и го потврди тоа, се разбира дека неговиот в.д. мандат нема да биде продолжен“,
рече Мицкоски во интервју за „360 степени“.