Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, вели дека овие количини ќе се распределуваат на неколку пунктови и оти тоа ќе зависи од потребите и за да не се создаваат турканици на топлото време

Првите количини на пакувана вода што ги обезбеди Владата, од вечерва се делат на определени пунктови во Гостивар. Вечерва се испорачани првите 50 илјади литри вода во пластични шишиња кои делат на повеќе пунктови.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, кој дојде во Гостивар со првата пратка на вода, посочи дека во зависност од потребите може да се зголеми бојот на пунктови и да се отвораат и други.
„Секој ден додека трае состојбата ќе дистрибуираме по 50 илјада литри на ден. Овие количини ќе се распределуваат на неколку пунктови, шест или седум, а можеби и повеќе. Тоа ќе зависи од потребите и за да не се создаваат турканици на топлото време“,
рече Томовски.
Во соработка со локални волонтери, предвидено е дистрибуцијата на водата да се врши на локациите: Водостопанство – Гостивар на улицата „ЈНА“ бр. 139, градинка „Пролет“ на улица „Беличица“ бр. 47, Средно економско училиште – Гостивар на улица „Живко Брајковски“ бр. 39, ЈП „Национални шуми“ – Подружница „Шар“ на улица „Браќа Ѓиноски“ бр. 165, АД ЕСМ – Подружница кај гаражите на улица „Илинденска“, Општа болница „Ферид Мурад“ – паркинг и кај Територијална противпожарна единица на улица „Беличица“ бр. 35.
Денеска, вода се делеше и на градскиот плоштад во Гостивар.
Исто така, низ градот се организираат повеќе акции на поединци и компании, кои делат пакувана вода. Вода за лицата во социјален ризик преку локалната самоуправа се дели во дворот на пожарникарската зграда.
Надлежните упатуваат апел до гостиварци строго да ги почитуваат насоките и препораките од институциите. Информациите во врска со безбедноста на водата треба да се следат исклучиво преку официјалните канали за комуникација со цел точно и навремено информирање.
Во Гостивар денеска е прогласена епидемија по масовниот прилив на граѓани со стомачни тегоби. Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека вели трендот на новопријавени случаи сè уште не опаѓа, а бројката се движи меѓу 250 и 300 пациенти на дневно ниво.
