Во гаснењето на пожарот на депонијата во близина на селото Добрашинци се вклучени две противпожарни возила и шест пожарникари-спасители, кои континуирано работат за целосно ликвидирање на огнот
Според информациите од ЦУК, активен е пожарот во Општина Кочани на патот кон Пробиштип каде гори деградирана ниска вегетација

Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица е на терен и активно работи на гаснење на пожарот што изби на депонијата во близина на селото Добрашинци, информираат од Единицата.
Во интервенцијата, како што се вели во објавата од Пожарникари-Струмица на Фејсбук, се вклучени две противпожарни возила и шест пожарникари-спасители, кои континуирано работат за целосно ликвидирање на огнот.
Поради специфичната природа на пожарите на депониите, во акцијата е вклучено и ЈПКД „Комуналец“ – Струмица. Нивната механизација работи на интензивно затрупување на депонијата со земја, со цел да се спречи повторно разгорување на огнот.
Пожарникарите велат дека огнот е локализиран, но сепак, екипите остануваат на локацијата сè додека целосно не се изгасне и не се обезбеди локацијата.
Од ТППЕ Струмица упатија апел до граѓаните да се задржи смиреност и да не се шират непроверени информации во јавноста и да се следат исклучиво официјалните известувања од надлежните институции.
Исто така, ги повикуваат граѓаните на совесно однесување и избегнување активности што можат да предизвикаат нови пожари.
Противпожарната единица најави дека ќе ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за развојот на настаните.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК), вечерва информираа дека активен е еден пожар, а еден е под контрола. Во нивниот извештај, пожарот на депонијата во близина на селото Добрашинци не е наведен.
Од ЦУК велат активен е пожарот во Општина Кочани на патот кон Пробиштип каде гори деградирана ниска вегетација.
Под контрола, пак, е пожарот на депонијата „Шапкар“ во селото Доброшинци, Општина Василево.
Според информациите оттаму, во текот на денот биле регистрирани 10 пожари на отворен простор, од кои осум се изгаснати.
Изгаснати се пожарите кај браната „Мантово“ во Општина Конче, во Општина Прилеп на улицата „Дебарца“ и кај селата Житоште и Дабница, во делчевското село Бигла, во селото Братиндол во Општина Битола, кај ресенското село Златари и во населбата Св. Недела во Штип. На овие локации гореле деградирана ниска вегетација и отпаден материјал.
