Потпреседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми, попладнево по вонредната седница на Централното претседателство на партијата во Мала Речица изјави дека тие и коалицијата предводена од нив ќе продолжат на мирен начин со, како што кажа, нивната битка на оваа „Стража на разумот“, а против одлуката која „за жал се најавува од самите политичари за укинување на службената употреба на албанскиот јазик“
Инаку, во реферарот на судијата известител, кој ќе се најде пред уставните судии в среда, а во кој „360 степени“ имаше увид, не само што не се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците во целина, туку се аргументира дека тој е втемелен во Уставот
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, заедно со високи претставници на коалицијата „Европски фронт“ попладнево ќе им се придружат на членовите и поддржувачите на ДУИ кои од вчера ја спроведуваат т.н. иницијатива „Стража за јазикот“, а во пресрет на седницата на Уставниот суд закажана за в среда, на која ќе се расправата за Законот за употреба на јазиците.

Ова, меѓу другото, било одлучено на денешната седница на Централното претседателство на ДУИ, што се одржа во седиштето на партијата во Мала Речица, информира, по нејзиното завршување, потпретседателот на ДУИ и нејзин портпарол, Арбер Адеми.
Седницата, како што викендов соопштија од партијата, беше свикана за да се одлучува за следните чекори на ДУИ пред седницата на Уставниот суд.
Претходно на истата локација, како што информира тој, се одржал и вонреден координативен состанок на лидерите на партиите од коалицијата „Европски фронт“ со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
„Како прво, ние се соочуваме со вонредни околности, вонредни ситуации и секако една од точките која беше разгледана е дека највисоките претставници на ‘Европскиот фронт’, вклучивајќи го и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска ќе учествуваат покрај шаторите коишто се поставени кај Уставниот суд“,
рече Адеми.
Исто така, додаде тој, ДУИ и коалицијта предводена од нив ќе продолжат, на мирен начин со, како што кажа, нивната битка на оваа „Стража на разумот“, а против одлуката која „за жал се најавува од самите политичари за укинување на службената употреба на албанскиот јазик“.
„Како што знаете, има 13 иницијативи. Една од најволуменозните е самата иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ. Ако ги разгледаме внимателно сите иницијативи, тие се предвидени на два основи. Со првиот основ се бара целосно поништување на албанскиот јазик, на Законот за употреба на албанскиот јазик, а со вториот основ, според иницијативите и тоа што е доставено пред Уставниот, суд се бара повеќе од десет членови да се избришат и да се укинат“,
рече Адеми по состанокот на Централното претседателство на ДУИ во Мала Речица.

Во однос на „Стражата за јазикот“, тој кажа дека според него станува збор за повеќе од партиска и од етничка иницијатива.
„И затоа ние бараме и апелираме до сите граѓани кои се загрижени и коишто сакаат да ја продолжат битката за мултиетничка држава, да ни се придружат – Албанци, Македонци, Турци и сите други заедници кои веруваат во еднаквоста и мултиетничкиот карактер на државата“,
кажа Адеми.
Инаку, во реферарот на судијата известител, кој ќе се најде пред уставните судии в среда, а во кој „360 степени“ имаше увид, не само што не се предлага поведување потапка за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците во целина, туку се аргументира дека тој е втемелен во Уставот.
Тоа за што се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се општи формулации во неколку члена од законот, како и две конкретни одредби – за симболите на парите и за водењето на судските постапки. Членовите или деловите од членовите за кои се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се и дел од забелешките на Венецијанската комисија во нејзиното мислење за законот од 2019 година.
Од ДУИ, кои сега чуваат „стража“ пред Уставниот суд, пред да се донесе законот тврдеа дека се согласни во него да се вградат забелешките на Венецијанската комисија.