Петрушевски им порача на интегративците да се реформираат „наместо да седат на ладно, зошто бргу од денес доаѓаат локални избори, да не им се случи уште поголемо изненадување“
ДУИ 20 години бира судии, точно ги знаат правните процедури и како одлучува Уставниот суд, но и покрај тоа одбраа да приредуваат политички циркус, за да го одвлечат вниманието од јавноста од тоа што 20 години ја крадеа државата, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ на најавата на интегративците дека ќе „стражарат“ пред Уставниот суд до среда кога ќе се одржи седницата на која ќе се одлучува за Законот за јазици.
„ДУИ 20 години ги краде Албанците и Македонците, а секогаш се повикува на Албанците кога треба да краде или кога се спречени во тоа, како сега. Стравот на ДУИ е затоа што доаѓа време за одговорност на нивните криминални функционери, кои додека продава патриотизам дебело се нафатирале, а граѓанинот Албанец и Македонец се иселил. ДУИ се демаскирани, сите гледаат дека нивното политичко делување последните неколку месеци е само во насока на заштита на политичките криминалци кои ја ограбија државата“,
изјави Бране Петрушевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Петрушевски им порача на интегративците да се реформираат „наместо да седат на ладно, зошто бргу од денес доаѓаат локални избори, да не им се случи уште поголемо изненадување“.
„Владата нема да дозволи никаква опасност по мирот. Институциите се на висина на задачата и заедно со нашите меѓународни партнери разменуваат информации, ја следат состојбата и ќе делуваат според потребата“,
потенцира Петрушевски.
Централното претседателство на Демократската унија за интеграции (ДУИ) денеска ќе одржи состанок на којшто ќе одлучува за следните чекори, информира за МИА потпретседателот на партијата Бујар Османи, откако интегративците вчера најавија дека почнуваат со иницијатива „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд до одржување на седницата за Законот за употреба на јазиците.
Според него, повикот за „Стража на јазикот“ значи одбрана на мултиетничка Северна Македонија, бидејќи, како што нагласува, ова не е само кауза на Албанците.