Според амбасадорката, се врши постојана проверка за лицата за кои Вашингтон смета дека ги прекршиле правилата во поглед на очекувањата што ги имаат САД, како и за видот на санкции под кои треба да се најдат, односно дали ќе им биде забранет влез во САД или ќе се соочат со други видови финансиски санкции
Кога ќе бидат објавени листите со санкции, таа потенцира дека за тоа нема временска рамка, туку Вашингтон ќе ги објави кога ќе ги заврши истрагите и заклучоците. Сепак, додава Агелер, нејзините очекувања се дека во следните месеци ќе видиме неколку имиња
Има повеќе видови листи за санкции, не постои само една, вели амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД), Анџела Агелер, во врска со црната листа на САД за корумпирани лица во земјава, а на која според очекувањата и најавите можно е да се најдат и актуелни функционери.

Американската амбасадорка во интервју за Телма ТВ во врска со ова прашање објаснува дека станува збор за долготраен и постојан разговор помеѓу амбасадата на САД во Скопје и Вашингтон.
„Како прво, дозволете ми да ви кажам дека не постои само една листа. Прашањето не е дека САД ќе објават една листа и ќе кажат „тоа е тоа, ова се сите имиња“. Ова е долготраен и постојан разговор помеѓу американската амбасада овде и Вашингтон и ширум владата во Вашингтон. Има повеќе видови листи за санкции, значи не постои само една и не станува збор дека се прави една листа и завршуваме“,
вели Агелер.
Според амбасадорката, се врши постојана проверка за лицата за кои Вашингтон смета дека ги прекршиле правилата во поглед на очекувањата кои ги имаат САД, како и за видот на санкции под кои треба да се најдат, односно дали ќе им биде забранет влез во САД или ќе се соочат со други видови финансиски санкции.
„Значи, некои ги води Стејт департментот, некои ги води Министерството за финансии и други агенции, исто така. Значи, тоа е постојан разговор“,
вели американската амбсадорка.
Кога ќе бидат објавени листите со санкции, таа потенцира дека за тоа нема временска рамка туку Вашингтон ќе ги објави кога ќе ги заврши истрагите и заклучоците.
Сепак, додава Агелер, нејзините очекувања се дека во следните месеци ќе видиме неколку имиња.
„Ќе повторам за да бидам јасна, тој разговор кој го водиме, кој јас го водам, кој мојот тим овде го води со Вашингтон, не бараме мислења на луѓе од оваа земја, и верувајте ми, откога дојдов овде, луѓе имаат пријавено многу, многу имиња во оваа амбасада, на луѓе кои ги прекршиле правилата и кои треба да бидат на некоја од листите за санкции. И ние, секако, дека ги разгледуваме тие. Би ги замолила луѓето за трпение, но и да сфатат дека ова е постојан процес. Знаете, ме прашуваат за листата и пак ќе повторам, не постои само една, но тоа можеби е и можност за луѓето помалку да бидат фокусирани на една листа, туку повеќе да бидат фокусирани на видовите на активности и постапки кои би ставиле некој на листата“,
вели Агелер.
Во тој контекст, таа потенцира дека ова е и можност за правосудството сериозно да се погледне себеси.
„Дали сте судија или обвинител, која и да е вашата улога, и да се запрашате ‘дали јас се однесувам, дали си ја извршувам работата со интегритет? Дали сум под влијание на други? Дали носам одлуки засновани врз законот?” Мислам дека сите можеме да посочиме кон неодамнешни примери каде што не ни се чини нам или на јавноста дека тоа се случило. Значи, продолжуваат да се појавуваат примери кои изгледаат многу сомнително, пак ќе повторам, не само на САД и на амбасадата, туку и на обичните луѓе, кои сакаат да продолжат со своите животи знаејќи дека нивната влада, дека нивните политичари дејствуваат во најдобар интерес за нив. Во најдобар интерес за граѓаните, а не во нивниот личен најдобар интерес, на судијата, на обвинителот“,
подвлекува амбасадорката на САД во земјава.