„Јас со советникот Шоле сум имал четири средби, меѓутоа не сме разговарале на тема листа на санкции што ја подготвуваат САД и тоа го кажав и по средбата со него. Исто така на таа тема немам разговарано ниту со американската амбасадорка со која имавме неколку средби до сега. Не знам кога ќе биде објавена, но кога ќе биде објавена нормално дека таа ќе биде прифатена како таква бидејќи САД се наш стратешки партнер“, изјави денеска Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски не знае кога ќе биде објавена листата на санкции што ја подготвува американскиот Стејт департмент, но вели дека кога таа ќе ја види светлината на денот „нормално дека ќе биде прифатена како таква“.
Ковачевски и на денешната прес-конференција рече дека за ова прашање не разговарал со високиот советник на Стејт департментот, Дерек Шоле, кој минатата недела беше во посета на земјава. За листата, тврди премиерот, не разменил збор ниту со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.
„Јас со советникот Шоле сум имал четири средби, меѓутоа не сме разговарале на тема листа на санкции што ја подготвуваат САД и тоа го кажав и по средбата со него. Исто така на таа тема немам разговарано ниту со американската амбасадорка со која имавме неколку средби до сега. Не знам кога ќе биде објавена, но кога ќе биде објавена нормално дека таа ќе биде прифатена како таква бидејќи САД се наш стратешки партнер“,
рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
На листата на санкции што ја подготвува тимот на американскиот Стејт департмент, кој кон крајот на минатата година беше во земјава, според најавите и очекувањата, можно е да се најдат и актуелни функционери.
Оваа листа, како што неодамна изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи, е дел од поддршката што САД ѝ ја даваат на земјава за справување со корупцијата.
Американскиот тим за санкции во земјава пристигна на почетокот на декември минатата година.
За него и за неговите цели, информираше американската амбасадорка во земјава, Агелер, која во објава на Твитер соопшти дека тимот дошол во Скопје за поагресивно да истражува корупција кај поранешни, но и кај актуелни функционери.
„Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“,
објави Агелер на 6 декември.
Премиерот Ковачевски и вицепремиерката задолжена за добро владеење Славица Грковска во изјави за медиумите рекоа дека не се сретнале со американскиот тим за санкции и затоа не можат да кажат детали во однос на нивната работа. Тие исто така информираа и дека Владата немала одлука да повика тим за санкции од САД.
Повеќе информации за работата на американскиот дојдоа од претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ на 22 декември откри дека тој се состоел од тројца дипломати од Стејт департментот кои собирале информации за виталните сфери во општеството.
„Знам само неколку работи бидејќи не можам и не треба повеќе да изнесувам. Стануваше збор за тројца дипломати во Стејт департмент кои беа тука во мисија на собирање информации што се случува на политичката сцена, во бизнис сферата и во правосудството. Во виталните сектори на општеството. Од аспект на тоа утре, задутре, да ја дополнат таа т.н. црна листа или како се нарекува официјално лица и ентитети кои се под санкции на Америка“,
рече Пендаровски.
Според неговите информации, веројатно веќе е утврдено со кои лица САД би ја прошириле „црната листа“, и вели дека на неа може да се најдат и актуелни функционери.
Дека на листата можат да се најдат и имиња на актуелни функционери не исклучи ниту премиерот, Димитар Ковачевски, прашан за коментар токму на информациите што во јавноста ги изнесе Пендаровски.