Адеми вели дека со францускиот предлог македонскиот јазик е заштитен засекогаш. Вели, македонскиот јазик ќе нема дообјаснување, фусноти, ѕвездички, астерикси итн.
Протоколот не е финализиран, кога ќе биде финализиран и потпишан ќе се достави и ќе биде јавно објавен како и сите други документи, истакна координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми по денешната координација меѓу координаторите на пратеничките групи и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Вели и дека не знае што точно пишува во билатералната декларација на Бугарија.
„Ништо нема спорно. Јас токму заради ова мислам дека битката против лажните вести кои се кројат во центри што не сакаат Северна Македонија да биде дел од ЕУ, можеме да ја добиеме само со транспарентен начин, со транспарентна објава на сите документи. Зошто е така? Бидејќи се уште преовладува мислење дека македонскиот јазик не е загарантиран, нели, а е загарантиран сега и засекогаш ако го прифаќаме предлогот“,
рече Адеми на прес-конференција во Собранието.
Вели дека битката со лажните вести околу францускиот предлог може да се добие само транспарентно објавување на документите.
„Зошто јас како пратеник да имам пристап до овие документи? Секој еден граѓанин треба да има пристап до овие документи. И има пристап до овие документи. Мислам дека ваков најтранспарентен начин немало досега. И треба да продолжиме така бидејќи само така можеме да ја добиеме битката со лажните вести, кои ни се кројат во центри кои не и сакаат добро на Северна Македонија и на нашето општество. Бидејќи документите се веќе објавени, целата јавност има пристап до истите, тоа може веднаш да се направи. Веднаш може да се проследат до Собранието како бекграунд материјал“,
рече координаторот на ДУИ.
Адеми вели дека со францускиот предлог македонскиот јазик е заштитен засекогаш. Вели, македонскиот јазик ќе нема дообјаснување, фусноти, ѕвездички, астерикси итн.
„Ќе биде во истата положба како што е и францускиот јазик, германскиот јазик, хрватскиот јазик и во преговарачката рамка кај нас нема ништо поинаку предвидено од српската рамка за српскиот јазик, во хрватската рамка или во албанската рамка за албанскиот јазик. Ништо поинаку! Со цела моја одговорност јас ви го потврдувам ова“,
рече тој.