Министерот нагласи дека за спречување на ширењето се потребни комплексни мерки – граѓаните да применуваат лична заштита, здравствените власти да обезбедат рана дијагностика и третман, а општините да ја исполнат обврската за дезинсекција

Утре ќе бидат соопштени деталните резултати од спроведената контрола врз општините за тоа што направиле во однос на прскањето против комарци, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител.
Според Клековски, во моментов со посебен ризик се соочува целото Повардарие, земајќи предвид дека дел од случаите на западнонилска треска во Грција се регистрирани токму во подрачјето околу Солун и реката Вардар.
„Завршивме со контролата на тоа што општините направиле во врска со прскањето. Резултатите, деталните резултати ќе ги соопштиме утре. На пример, во Град Скопје се направени 12 прскања, вкупно шест за возрасни форми на комарци и шест за ларви“,
рече министерот.
Министерот посочи дека не може секогаш да се воспостави директна врска меѓу бројот на прскања и бројот на регистрирани случаи.
Како пример ја спореди Општина Илинден, каде што уште од април биле спроведени шест терстрични прскања, три против возрасни комарци и три против ларви, со Општина Студеничани, каде што немало дополнително општинско прскање освен редовното од Град Скопје. И покрај преземените мерки, во Илинден се забележани повеќе случаи на заболени отколку во Студеничани.
Клековски објасни дека Скопско Поле е најниската зона во Скопската Котлина со најмногу застоена вода, земјоделски површини и канали, што создава услови за зголемен ризик. Дополнително, рече тој, преносот зависи и од патеките на дивите птици.
„Комарци има и покрај Вардар, а нема ниту еден случај во Центар или во Карпош. Поврзано е и со патеките на дивите птици кои се резервоар на вирусот. Во околу 250 вида птици го има вирусот“,
рече Клековски.
Тој нагласи дека за спречување на ширењето се потребни комплексни мерки – граѓаните да применуваат лична заштита, здравствените власти да обезбедат рана дијагностика и третман, а општините да ја исполнат обврската за дезинсекција.
Клековски рече дека, покрај редовните прскања, по индикации биле извршени уште три прскања – две во Драчево и едно во Гази Баба, односно во делови од Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ.
Во моментов, како што посочи, заедно со општините и Град Скопје се детектираат местата со застоена вода, со цел да се спроведе пофокусирано прскање од земја.
Клековски нагласи дека првиот случај на западнонилска треска во земјава е регистриран во 2011 година, а досега се регистрирани 54 случаи. Посочи дека имало и случаи кај мали деца со воспаление на мозокот, додека најголем ризик од смртен исход има кај лицата над 60 години.
