„За жал, некаде околу пладне повторно се разбуди, дувна ветер, повторно се запали сè. Линијата на огнот сега е широка, односно долга можеби дваесетина километри, започнувајќи од течението на Црна Река, па сè до врвот Маргара каде што е убиен Ѓорче Петров“, изјави Ангелов

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, изјави дека пожарот што синоќа го опустоши прилепското село Чаниште и бил речиси целосно совладан, повторно се разгорел.
Според Ангелов, линијата на огнот сега е околу 20 километри.
„Се наоѓам некаде на средина помеѓу селата Чаниште и Крушевица, во прилепскиот дел на Мариово. Огнот што синоќа опустоши дел од селото Чаниште, во текот на ноќта, раните утрински часови и претпладневните часови беше безмалку целосно совладан. За жал, некаде околу пладне повторно се разбуди, дувна ветер, повторно се запали сè. Линијата на огнот сега е широка, односно долга можеби дваесетина километри, започнувајќи од течението на Црна Река, па сè до врвот Маргара каде што е убиен Ѓорче Петров“,
вели тој.
Ангелов кажа дека на самото место се прилепските пожарникари кои имаат поддршка од повеќе тимови на ДЗС составени од доброволни пожарникари од Битола, на кои ќе им се придружат доброволците од Кочани и од Виница.
„Нè чека тешка ноќ. Наша првенствена задача е да го одбраниме селото Крушевица, кое е на неколку километри од овде. Голема помош дава и локалното население што си го брани своето. Голема благодарност до нив. За жал, теренот е лош затоа што се работи за висока сува трева. Ветрот што постојано дува дополнително ја отежнува нашата работа. Авионите на Дирекцијата прекинаа дел од огнената линија, со што таа сега е значително намалена во оној дел што го загрозува блискиот манастир и селото“,
вели Ангелов.
Според него, во моментов ова е најголемиот пожар на отворено на територија на целата држава. Сепак, денеска тешка битка со огнот се водела и на територијата на Општина Старо Нагоричане. Тој пожар сега е ставен под контрола.
„Кај селото С’лп, каде што повеќе денови имавме пожар од велешката страна, сега имаме само остатоци. Пожарот е целосно исконтролиран благодарение на велешките пожарникари. На други места немаме алармантни пожари“,
смета тој.
Ангелов нагласи дека синоќа во селото Чаниште со пожарот биле зафатени само напуштени и куќи во кои сопствениците ретко доаѓаат и не изгорела ниту една куќа во која активно живеат луѓе.
