Како што соопштија денеска од МВР, двете лица се обиделе да им избегаат на полицајците што ги чекале во заседа, му го одзеле службениот пиштол на еден од нив, фрлиле кеса со марихуана, а при бегството со возилото во кое биле удриле во бандера и банкина
Оттаму додаваат дека за настанот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, кој, како што велат од Министерството, презема мерки и активности во врска со евентуални неправилности при постапувањето на полициските службеници во овој случај
Случајот со двете млади лица кои тврдат дека биле брутално малтретирани во полицијата во Сарај добива нови димензии откако Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека против нив е поднесена кривична пријава за спречување службено лице во вршење службено дејствие и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Во врска со случајот кривична пријава е поднесена против уште едно лице, а која се однесува на кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, по членот 215 од Кривичниот законик (КЗ).
Новите детали МВР ги соопшти доцна попладнево, точно една недела од настанот што се случил на 7 октомври во вечерните часови во Скопје, кој предизвика реакции во јавноста и во политичките кругови, особено во албанскиот блок. Случајот за малтретирањето на двете млади лица го обелодени опозициската ДУИ, а викендов од МВР соопштија дека по извршените проверки Внатрешната контрола при Министерството ќе поведе дисциплинска постапка против шестмина полицајци и тие ќе бидат суспендирани од работа поради утврдени низа неправилности при нивното постапување.
Но, според денешното соопштение од МВР, двете лица, на возраст од 21 и 24 години, биле цел на полициска акција, организирана по претходно добиени сознанија дека ќе биде извршена купопродажба на марихуана.
Во описот на настанот се наведува дека на 7 октомври во 20:25 часот на улицата „Црногороска“ во Скопје била направена заседа на возило „бе-ем-ве“ со скопски регистарски ознаки, при која по добиените информации полициските службеници презеле соодветни мерки, односно дале знак за запирање на автомобилот.
Откако полициските службеници, велат од МВР, се упатиле кон возилото за да извршат легитимирање и преглед, возачот го стартувал автомобилот со кој удрил во бандера, а во истиот момент преку прозорецот фрлил кеса со марихуана. Во тој момент еден од полицајците го извадил својот службен пиштол и дал наредба „стој полиција“, но оружјето, како што наведуваат од МВР, му било одземено од лицето што било на совозачкото седиште, а возачот повторно го стартувал возилото и се дал во бегство.
Полицајците што биле поставени во близина се дале во потера по автомобилот, кој продолжил да се движи со голема брзина кон автопатот Скопје – Тетово, игнорирајќи ги звучните и светлосните знаци од полициските службеници. Во тие моменти еден од полицајците, според МВР, испукал три предупредувачки куршуми во воздух. Автомобилот во еден момент удрил во банкина на автопат и се извртел, по што од него излегле возачот П.А. (24) и совозачот Е.П. (21).
„Лицата се лишени од слобода, пиштолот е одземен, а по извршено пребарување на теренот е пронајдена кеса со марихуана. Во координација со ОЈО Скопје од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО, денеска (14.10.2026) поднесена е кривична пријава против Е.П. и П.А. за сторено кривично дело спречување службено лице во вршење службено дејствие по член 382 од Кривичниот законик и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, по член 215 од Кривичниот законик. Против М.Т. за кого постојат сознанија дека е поврзан со случајот е поднесена кривична пријава за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 од Кривичниот законик“,
се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму додаваат дека за настанот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, кој, како што велат од Министерството, презема мерки и активности во врска со евентуални неправилности при постапувањето на полициските службеници во овој случај.
За настанот пред една недела немаше информација во полицискиот билтен ниту, пак, соопштение од МВР, а во јавноста го обелодени опозициската ДУИ, која објави фотографии од момчињата и излезе со тврдења дека младите биле брутално нападнати и малтретирани од страна на полициските службеници.
Интегративците во петокот минатата недела објавија и видео на кое, како што тврдат, е прикажано бруталното полициско насилство при интервенција што се случила во средата. Оддалеку е снимено, како пред паркиран автомобил неколку лица со клоци и тупаници физички напаѓаат други лица. Снимката е без заднински звук, а на неа низ маглата може да се забележат и полициски ротациски светла.

Од Министерството за внатрешни работи во неделата излегоа со соопштение во кое беше наведено дека извршените проверки, обезбедените снимки од настанот, како и од обезбедените изјави на сведоци, биле утврдени низа неправилности при постапувањето на полициските службеници. Поради тоа, рекоа од ресорното Министерство, Внатрешната контрола ќе поведе постапка против шест полициски службеници за кршење на работниот ред и дисциплина и тие ќе бидат суспендирани од работа.
Но истиот ден од Независниот синдикат на полицијата (еден од повеќето синдикати во МВР, н.з.), излегоа со реакција велејќи дека во случајот се работело за полициска акција во која осомничените лица прво се обиделе да ги прегазат полицајците, потоа одзеле службено оружје, по што почнале да бегаат, и при бегството, на автопатот Скопје – Тетово предизвикале неколку сообраќајки.
Од ДУИ побараа Министерството за внатрешни работи да го објави целосниот полициски извештај во врска со интервенцијата од 7 октомври бидејќи, според партијата, во јавноста се изнесени спротивставени верзии за она што се случило.
За настанот деновиве реагираа и од владејачката Влен. Оттаму посочија посочија дека со внимателност го следат случајот и повикаа настанот да не се користи за разгорување на меѓуетнички тензии. Од Влен кажаа дека, според нивните информации, полициските службеници за кои постојат сомневања дека биле инволвирани во случајот, припаѓаат на три различни етнички заедници.
