Сметаат дека доколку имало пречекорување на полициските овластувања, одговорноста мора да се утврди за секој инволвиран службеник, без исклучок

Демократската Унија за Интеграција бара од Министерството за внатрешни работи да го објави целосниот полициски извештај во врска со интервенцијата од 7 октомври, за време на која двајца млади од Сарај, на возраст од 21 и 23 години, биле брутално претепани од страна на припадници на полицијата.
Според ДУИ, во јавноста се изнесени спротивставени верзии за она што се случило.
„Младите сведочат дека биле удирани дури и откако биле совладани и ставени во лисици, додека во јавноста беа пласирани тврдења за пружање отпор кон полицијата и одземање на службеното оружје на еден полициски службеник“,
велат од ДУИ.
Поради ова, од партијата велат дека бараат да се објават првичниот извештај на полициската патрола, записниците и соодветната документација, со почитување на личните податоци и интегритетот на истрагата.
„Кој го составил извештајот? Што изјавиле полициските службеници што учествувале во интервенцијата? Дали нивната верзија се совпаѓа со снимките што јавноста веќе ги виде?“,
прашуваат од ДУИ.
Сметаат дека доколку имало пречекорување на полициските овластувања, одговорноста мора да се утврди за секој инволвиран службеник, без исклучок.
„Граѓаните имаат право да ја знаат вистината, а полицијата има обврска да одговара за употребата на сила. Извештајот мора да биде објавен. Одговорноста мора да биде целосна. Ниту една униформа не смее да служи како заштита од законот“,
се вели во денешното соопштение од Демократската унија за интеграција.
Настанот со претепаните момчиња е од 7 октомври. Го обелодени ДУИ заедно со фотографии од момчињата и со тврдење дека младите биле брутално нападнати и малтретирани од страна на полициските службеници.
Интегративците пред два дена објавија и видео на кое тврдат дека е прикажано бруталното полициско насилство при интервенција што се случила во средата. Оддалеку е снимено како пред паркиран автомобил неколку лица со клоци и тупаници физички напаѓаат други лица. Снимката е без заднински звук, а на неа, низ маглата може да се забележат и полициски ротациски светла.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека против шестмина полицајци ќе поведе дисциплинска постапка и тие ќе бидат суспендирани од работа – по пријавата за малтретирање на двете момчиња од Сарај.
Од ресорното министерство велат дека извршиле проверки и утврдиле низа неправилности во постапувањето на полициските службеници.
Но, од Независниот синдикат на полицијата (еден од повеќето синдикати во МВР, н.з.), велат дека се работи за полициска акција во која осомничените лица прво се обиделе да ги прегазат полицајците, потоа одзеле службено оружје, по што почнале да бегаат, и при бегството, на автопатот Скопје – Тетово предизвикале неколку сообраќајќи.
