Од Државната изборна комисија велат дека тим од независни ИТ-експерти прави анализа и на хардверот и на софтверите, а ќе се формира и работна група за истражување на пазарот. Врз основа на проценките на стручњаците, ќе се пресече во која насока ќе оди следната јавна набавка – дали само на софтвер или на целокупна обнова и на апаратите
Како е решено претстојното, вонредно гласање во Брвеница, погледнете во видеото
Државната изборна комисија се подготвува за претстојните вонредни избори во Брвеница, закажани за в недела. Утврдена е содржината, изгледот и заштитата на гласачкото ливче, а привршуваат и обуките за избирачките одбори. Но, во меѓувреме, истече договорот за фингерпринт-апаратите.
Дали во Брвеница ќе се гласа со уредите за биометриска идентификација и како, со оглед на тоа што петгодишниот договор во кој „Дермалог“ гарантираше за исправноста и одржувањето на апаратите истече во август? Има ли ризик некој да го оспори гласањето? Дали изборната комисија планира нова набавка на уреди и што во случај на предвремени парламентарни избори? На сите овие прашања, одговори бараме од првиот човек на ДИК, Бојан Маричиќ.
Претседателот на Државната изборна комисија вели дека за Брвеница е најдено привремено решение и покрај истечениот договор со „Дермалог“.
Набавката се однесува на функционалност на системот и ажурирање со нови податоци на само неколку од постоечките уреди, за сума од околу двесте илјади евра.
Маричиќ: Минатата недела беа тука присутни германските инженери кои заедно со нашите стручни лица ги опремија апаратите и ги апдејтираа со нови податоци и ги подготвија за изборите во недела.
360 °: Колку апарати се апдејтирани?
Маричиќ: Толку-колку што се потребни за 24 избирачки места.
360°: Има ли ризик некој да го оспори гласањето во Брвеница, со оглед на тоа што е истечен петгодишниот гарантен рок и ова е некое ад-хок решение?
Маричиќ: Нема никаква причина за оспорување, бидејќи под сосема истите услови, техничката спецификација којашто важеше за 60 месеци, за 5 години, под сосема истите услови е потпишан договор да се обезбеди функционалноста за изборите во Брвеница.
360 °: А, вие стоите зад тоа, мислам како Државна изборна комисија?
Маричиќ: Ние склучивме договор со Дермалог за да се обезбеди таа функционалност. Дермалог ни гарантира дека тоа ќе биде така како што било и за претходните изборни циклуси и очекуваме тоа да биде така.

За Брвеница можеби е најдено привремено решение, но останува обврската за подготвеност на целокупната опрема. Затоа, се прави проценка, во која насока треба да оди следната јавна набавка.
„Ние во моментот кога кога заврши договорот на 11 август и уште претходно кога дојдов јас, новиот состав од кога почна, започнавме серија на чекори за подготовка за новата јавна набавка бидејќи знаевме дека ќе дојде еден период каде што треба да се направи поголема јавна набавка за продолжување на функционалноста на овој систем“,
вели Маричиќ.
Формиран е тим, како што вели Маричиќ, од независни ИТ-експерти којшто веќе направил првична анализа на состојбата и на хардверот и на софтверите.
„Очекуваме почетокот на ноември да добиеме и конечен извештај од Дермалог во врска со 60-те месеци на спроведување на првичниот договор. Врз основа на тоа ние и ја информиравме и Владата неколку пати, и Владата и Министерството за финансии, дека ќе биде неопходно да се предвидат пари во буџетот за оваа набавка. Сè уште ги немаме обезбедено, имаме обезбедено пари само специјално за трошоците за изборите во Брвеница. Очекуваме наредната година, во буџетот во наредната година најдоцна да бидат предвидени тие пари бидејќи тоа мора да се обезбеди согласно законот и по овие сите чекори што ги преземавме со стручните лица во овој период овие денови ќе формираме и работна група за истражување на пазарот бидејќи сакаме навистина да биде добро подготвена техничката спецификација, добро подготвен тендерот, тендерската документација, за да биде компетитивно, транспарентно и да имаме водени од економичноста и транспарентноста да добиеме најдобар исход и најдобар понудувач на крајот од процесот“,
вели Маричиќ.
Ова не мора да значи комплетно нова набавка – и на уреди. Затоа ќе се чека финалната анализа на експертскиот тим.
„Ние сме должни да обезбедиме функционален систем по законски прописи. Се разбира и тоа ќе го ќе го направиме. 4.000 апарати се во наша сопственост, односно ги имаме, ги поседуваме, чувани се со полиција, чувани се под високи стандарди и секако се грижиме за нивното за нивно чување и за нивната функционалност“,
вели Маричиќ.


Независно од предизвикот во ДИК, одвреме-навреме политичарите ја отвораат темата за предвремени парламентарни избори. Партиите и нивните лидери имаат комоција да калкулираат со најави, но нивните прогнози мора да ја имаат предвид и законската обврска за биометриска идентификација на гласачите, вели првиот човек на ДИК.
360 °: Што ќе правите во случај на предвремени парламентарни избори?
Маричиќ: Ние сме должни да ги организираме согласно закон. Законот налага, членот 108а што го споменувам, гласање со преку единствено преку овој уред односно преку биометриската идентификација на гласачите и ние немаме друга опција. Така што, кога и да бидат изборите, мора да се вкалкулира доволно буџет и доволно време за да се набават оваа софтверска поддршка и функционалност на сите тие апарати.
360 °: Што значи секој политички договор треба да го има предвид и процесот во ДИК?
Маричиќ: Тоа не е само политички договор, апсолутно, тоа се работи за институционална функционалност. Ние не можеме да имаме избори ако не го имаме, ако го немаме функционален тој систем бидејќи законот само така пропишува и додека е така ние сме должни како Државна изборна комисија така да постапуваме. И токму затоа навремено се известени и владата и Министерството за финансии и сите па и политичките партии кога сме разговарале. Секогаш сме ги известувале во Собранието и при дијалогот за изборниот законик дека ова е елемент на којшто мора да внимаваат за да имаме кредибилни избори согласно законот.
Терминалите за биометриска идентификација премиерно се употребија за локалните избори во 2021, по претходен политички договор на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тогашната опозиција, а сега власт, се закани дека ќе ги бојкотира изборите доколку гласањето не се спроведе со биометриска идентификација. Уредите се набавија од германската фирма „Дермалог“, а новитетот земјава ја чинеше 11,2 милиони евра. Апаратите беа купени со потпис на тогашниот претседател на ДИК, Александар Даштевски. Тој лично и ја прими пратката, во момент кога веќе беа гласни критиките во јавноста за доцнење на испораката.
„Малку поваму, да не накиснете“, го советуваа новинарите претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, кој се подгвовуваше за прес конференција на дождлив есенски ден во октомври 2021 година.
„Не, таман сум тука а овие да се снимаат“, возврати тој одлучно и покажа на неколку кутии во кои беа преостанатите уреди за биометриска идентификација на гласачи.


На оваа триумфална изјава и претходеа низа настани. Тендерот со „Дермалог“ успеа на „втора“. По првиот, неуспешен обид да се купи опремата, двајца членови на тендерската комисија си поднесоа оставки. Едниот од нив во оставката тврдеше дека ја поднесува поради притисоци. Кога првата комисија за набавка се распадна, во јавноста почна гласно да се шепоти дека има некаков „проблем“ со набавката на уредите.
„Они можеле да напишат што било во оставките, колку што јас знам едната оставка е од здравствени причини, не е од притисоци, а во втората оставка се спомнуваат и такви работи. Јас можам да ви кажам најодговорно дека од наша страна, барем од моја страна, притисок никаков немало“,
рече во изјава за „360 Степени“ во јуни 2021, поранешниот претседател на Комисијата за јавни набвки во ДИК – Оливер Ристовски.

Пред да се финализира набавката, стигна писмоод Авганистан во кое се говореше за негативно искуство во соработката со „Дермалог“. ДИК го отфрли дописот како нерелевантен.
Се пројавија сомнежи за местење на набавката, а тогашната Антикорупциска комисија бараше кривично да се гонат Даштевски и други лица во ДИК по серија забелешки. Но, Обвинителството не најде криминал.
„Што да кажам, секој си има своја одговорност и тоа е одговорност на Обвинителството“,
говореше во изјава за „360 Степени“, експретседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска.

Проблеми се појавија и на гласачките места на првото гласање по воведувањето на новиот систем, но факт е и дека апаратите се во функција на сите изборни циклуси по нивното воведување.
360 °: Дали вие лично би прифатиле набавка од истиот оператор со оглед на низата проблематични аспекти од претходната набавка?
Маричиќ: Па видете, оваа постапка не зависи од никого лично, од никого поединечно, таа постапка ќе се води од Комисија за јавни набавки во која јас не смеам да учествувам како одговорно лице. Претходно Комисијата за јавни набавки ќе има извештај од стручните лица во ИТ телото и ќе има секако резултат од она истражување на пазарот кое што треба да даде добра основа за како што наведев транспарентна и јавна постапка.
360 °: Но, на крај претпоставувам вие ќе го оставите потписот како што на претходниот договор претходно?
Маричиќ: Се разбира, нормално, така е постапката, меѓутоа сакам да кажам дека немам намера јас да влијаам ниту некого да исклучувам, ниту некого да фаворизирам, тоа е работа на комисијата да одлучи врз основа на информациите и спецификациите што ги има да да да реши во која кој на крајот ќе го добие ќе го добие овој тендер…ние сме покажале дека фингерпринт системот функционира и тоа е тоа е многу важно, секако дека се она што што го наведувате е случајно претходно, но она што го знаеме дека биле целосно функционални и во 2024 и во 2025 и без посериозни проблеми успешно спроведени избори со тој систем мислам дека е доволно доволна потврда дека има капацитет Државната изборна комисија тоа да го направи.
