Министерката за образование и наука денеска имаше свое обраќање на отворањето на IV Интернационален медицински конгрес во организација на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет на УКИМ, во кое кажа и дека во високото образование, науката и истражувањата, многу се важни меѓународните вмрежувања и мобилноста, оценувајќи дека тоа е единствениот начин за размена на искуства и добри практики со глобалниот свет, но и за заеднички проекти
Најдобрите студенти, одликувани со „Инженерски прстен“ или друго признание за успех, ќе имаат предност при вработување на факултетите. Ова, меѓу другото, го кажа министерката за образовани и наука во своето обраќање на отворањето на IV Интернационален медицински конгрес во организација на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Предноста што ќе ја имаат најдобрите и наградувани студенти при вработувањето на факултетите, Јаневска ја посочи говорејќи за новата концепција за наука и високо образование, преточена во пакетот од три предлог-закони кои се во собраниска процедура. Министерката рече дека очекува овие законски решенија да бидат донесени од законодавниот дом до крајот на годината, а кои, според неа, ќе го трасираат патот за подобри можности за професорите, научниците, истражувачите и истражувачкиот подмладок во високообразовните институции во државата.
Јаневска во обраќањето кажа дека во високото образование, науката и истражувањата, многу се важни меѓународните вмрежувања и мобилноста, оценувајќи дека тоа е единствениот начин за размена на искуства и добри практики со глобалниот свет, но и за заеднички проекти.
Рече дека ставот на Владата е дека без наука нема општествен развој поради што, откако ги презеле институциите пред две години, се одлучиле на крупни мерки кои, според министерката, ја раздвижиле научно-истражувачката дејност во Македонија.
„За две години буџетот за наука го зголемивме повеќе од двојно. Во 2025 година финансиравме педесетина научно – истражувачки проекти од јавен интерес, во вкупна вредност од 6 милиони евра, a за нашите професори, научници и студенти обезбедивме бесплатен пристап до познатите глобални научни бази – Web of science и Scoopus“, рече Јаневска.
Министерката посочи и оти е особено задоволна од зајакнатата соработка со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија, кој, како што кажа, ги отворил вратите на своите лаборатории за македонскиот научен и истражувачки кадар. Воедно, додаде таа, Центарот помогнал под негово покровителство во Македонија минатиот месец да биде организирана и првата летна научна школа за земјите од Западен Балкан.
Посакувајќи успешен конгрес, министерката, која и самата е лекар по професија и професорка на Медицинскиот факултет, им порача на професорите и студентите да продолжат да придонесуваат кон образованието и развојот на научната мисла во областа на медицината, а со тоа да помогнат и во заложбите за подобрување на здравствениот систем и здравјето на граѓаните.
