Предлогот Мицкоски го даде вчера од собраниската говорница одговарајќи на прашање на пратеничката од редовите на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, Арбана Пашоли, а кое се однесуваше на стратегијата на Владата за деблокирање на евроинтегративниот процес и отворање на преговарачките поглавја
Од опозициската партија Левица денеска реагираа дека, според нив, преговори со Бугарија не се исто што и преговори со Европската Унија, а самото прифаќање на билатерални преговори со Софија претставува политички став, а не некаква неутрална и стандардна процедура
Како политичка манипулација и извртување на самиот поим „национално единство“ политичката партија Левица ја оценува понудата на премиерот Христијан Мицкоски и опозицијата, здружено, да се вклучи во дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, преку свои претставници.

Предлогот Мицкоски го даде вчера од собраниската говорница одговарајќи на прашање на пратеничката од редовите на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, Арбана Пашоли, а кое се однесуваше на стратегијата на Владата за деблокирање на евроинтегративниот процес и отворање на преговарачките поглавја.
Премиерот рече дека Европската Унија останува стратегиска цел на државата, од која нема да има поместување ниту за милиметар, а целта на Владата е процесот на евроинтеграција не само да се почне, туку и да се заврши.
Во тој контекст кажа дека Владата води дијалог со Бугарија и понуди опозицијата да биде директно вклучена во процесот преку свои претставници.
„Во овој дијалог што го водиме со Бугарија, апсолутно, еве вие како здружена опозиција на неколку политички партии, предложете претставници да бидат дел од тимот што ќе го води тој дијалог со нашиот источен сосед. Ние апсолутно тоа ќе го почитуваме“,
рече премиерот додавајќи дека претставниците на опозицијата ќе бидат присутни на сите состаноци.
Од опозициската Левица денеска реагираа дека, според нив, преговори со Бугарија не се исто што и преговори со Европската Унија, а самото прифаќање на билатерални преговори со Софија претставува политички став, а не некаква неутрална и стандардна процедура.
Ставајќи го тоа во контекст на национално единство по ова прашање, од Левица велат дека тоа не се гради со делење места во преговарачки тимови, туку со усогласување на заеднички државни позиции за тоа што, со кого и под кои услови се преговара.
„Сосема легитимна е позицијата да се поддржува членството на Македонија во ЕУ, но истовремено да се отфрлаат билатералните преговори со Бугарија како услов за евроинтеграција, притоа инсистирајќи преговорите да се водат исклучиво на инстанци на Унијата, односно, во рамки на официјалните институции и преку механизми на Унија“,
велат од Левица.
Оттаму се на став дека преговорите со ЕУ треба да бидат суштински – водени во рамките на националните интереси на Македонија, а не процес во кој од државата постојано се бара да ги жртвува сопствените интереси заради безусловно исполнување на барањата од Брисел.
Сумирајќи ја својата позиција, од Левица велат дека тие не се против преговори со Европската Унија, туку се против, како што наведуваат, билатералните уцени од Бугарија како предуслов за евроинтеграција.
„Инсистираме на директни и суштински преговори со институциите на ЕУ, во кои Македонија ќе настапува како рамноправен субјект со сопствени позиции и државни интереси“,
се вели во соопштението од опозициската партија.

Инаку, дијалогот меѓу Македонија и Бугарија за приближување на ставовите за отворените прашања почна со средбата што на 8 октомври во Софија ја имаат шефовите на дипломатиите на двете држави, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова. Тој дојде по совет од претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, која неколку дена претходно беше во посета на државава. Сигналите од Софија по средбата беа дека нема репреговарање на уставните измени со одложено дејство, но премиерот Мицкоски во изјава медиумите минатиот викенд изјави дека се радува што дијалогот почнал и дека очекува тој да продолжи.
„Тоа е убавината во демократијата, да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста на демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис. Очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение“,
изјави Мицкоски на 10 октомври.
Инаку, по средбата во Софија шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски кажа дека таа поминала во конструктивна атмосфера и позитивен дух, но без решение за суштинските прашања.
Министерката Петрова-Чамова, пак, рече дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија и очекува земјата да ги исполни обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени.
И таа оцени дека средбата била конструктивна, а кажа и дека од Муцунски побарала да ја информира за временската рамка во која македонската страна очекува да ги исполни преземените обврски, по што ѝ било посочено дека е потребно да се изгради чувство на доверба меѓу двете земји.
