Поради ризик од бегство, Обвинителството бара на осомничениот, кому му се ставаат на товар неколку кривични дела, да му биде одреден притвор
Основното јавно обвинителство Тетово покрена истрага и предложи притвор против 20-годишникот од тетовското село Голема Речица, кој беше откриен во заедничка предистрага на Министерството за внатрешни работи и американското истражно биро (ФБИ). Тој е осомничен за повеќе дела од областа на компјутерскиот криминал.

Имено, дваесетгодишникот се години за компјутерска измама бидејќи во периодот од 2025 до 2026 година администрирал нелегална онлајн група на комуникациската апликација Телеграм, преку која нудел услуги и софтверски алатки за измами поврзани со незаконско враќање парични средства.
Осомничен е и за злоупотреба на лични податоци – дело кое го вршел како администратор на домени и веб-страници поврзани со платформа која служела како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела. Главни корисници на платформата биле киберкриминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки, а во периодот на функционирањето на платформата биле понудени над 1 500 украдени пристапни податоци на физички и правни лица.
Во домот на осомничениот е извршен претрес, во чии рамки се одземени два мобилни телефони.
„Во скриен фолдер на еден од телефоните беше утврдено дека тој поседувал вкупно 29 видеа со експлицитна содржина на полови дејствија меѓу возрасни лица и деца. Поради тоа, 20-годишникот е осомничен и за кривично дело – производство и дистрибуција на детска порнографија според член 193-а од Кривичниот законик“,
соопштија од Обвинителството.
Инаку, осомничениот е открен во заедничка предистрагата на Министерството за внатрешни работи (МВР) и американското Федерално истражно биро (ФБИ) насочена кон разбивање на нелегален онлјан пазар за продажба на украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки за извршување компјутерски криминал.
Како што соопштија вчера од МВР, осомничениот жител на Голема Речица, бил администраторот на нелегалниот онлајн пазар „ОЛВX“ преку кој се нуделе украдените податоци, а истрагата била спроведена по првично добиените информации од ФБИ за криминалните активности повразни со платформата.
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) вчера ѝ честиташе на македонската полиција за апсењето на 20-годишникот, нагласувајќи дека платформата директно ја загрозувала дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани.
Оттаму ја посочија акцијата како прва координирана кибероперација меѓу ФБИ и Северна Македонија и како потврда на нивната посветеност на соработката со меѓународните партнери за заштита на американските граѓани во киберпросторот.
