„СДС во Гостивар е коалиција и дел од локалната власт, за што и самиот Венко Филипче си кажа кога бараше што поголем број партиски членови да се мобилизираат за да гласаат на локалните избори за Ваљбон Љимани. Затоа што заедно се дел од власта, СДС не бара ниту оставка, ниту го повикува на одговорност Љимани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека опозицискиот СДСМ не бара одговорност за загадувањето на водата во Гостивар од градоначалникот Ваљбон Љимани бидејќи заедно се дел од локалната власт.
Од партијата сметаат дека проблемот со водата во Гостивар е во надлежност токму на локалната власт бидејќи градските водоводни системи, како и гостиварскиот водовод, се под директна ингеренција на општината.
„А, СДС во Гостивар е коалиција и дел од локалната власт, за што и самиот Венко Филипче си кажа кога бараше што поголем број партиски членови да се мобилизираат за да гласаат на локалните избори за Ваљбон Љимани. Затоа што заедно се дел од власта, СДС не бара ниту оставка, ниту го повикува на одговорност Лимани“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, надлежните истражни органи водат постапка, целиот случај се истражува, а во предметот веќе се опфатени и приведени раководители на комуналното претпријатие под чија надлежност е снабдувањето на гостиварци со безбедна вода за пиење.
„Тоа што беше под надлежност на централната власт, во најкус можен рок беше преземено, што резултираше за нецели четири недели градот да се врати во нормала со безбедна пивка вода и целосно исчистен водоводен систем. И кога СДС зборува за шишиња вода, повторно ги прашуваме, колку шишиња флаширана вода однесоа во Гостивар во моментите кога на граѓаните им беше најтешко. Нормално, ниту едно“,
додаваат од партијата.
Уште еднаш го обвинја СДСМ за ширење хистерија.
„Додека СДС беше зафатена со ширење хистерија и броење чешми низ државата, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од прв момент беше со граѓаните на Гостивар и ги презема сите мерки за надминување на кризата, а гостиварци секој ден бесплатно ги снабдуваше со вода. Оттука многу јасно е дека срамот е единсвено на талогот на СДС, кој освен хистерија, конструкции и паника, граѓаните на Гостивар од нив не видоа ни една капка вода“,
соопшти партијата.
Претходно денеска од СДСМ реагираа бидејќи општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар вечерва ќе слави годишнина од основањето и прашаа што ќе се слави.
„Тоа што го отрувте цел град? Тоа што пет недели нема вода? Тоа што не се знае ниту сега дали водата е безбедна за пиење? Тоа што не објавувате документ и анализа за водата?“,
праша СДСМ.
