Ние инсистираме на апсолутна гаранција во Преговарачката рамка добрососедството, што не е критериум за членство во ЕУ што го измисли Бугарија, туку е европски, хоризонтален критериум, да се набљудува за цело време на Преговарачката рамка, вели шефицата на бугарската дипломатија
Бугарија нема да ја блокира Северна Македонија на патот кон Европската Унија, е пораката која индиректно ја испрати вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, велејќи дека има различен пристап од вицепремиерот и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.
Во гостувањето во емисијата „Лице в лице“ на бТВ, Захариева зборува за односите со Северна Македонија и на прашањето колку е веројатно да се оствари тоа што го кажа бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов дека Софија ќе ја блокира земјава на патот кон ЕУ ако не се решат важните прашања, како што е Гоце Делчев, таа вели дека нејзиниот пристап е различен од тој на Каракачанов.
„Гоце Делчев е едно од многуте прашања што треба да се решат. Јас имам малку поинаков пристап. Многу пати сум разговарала со господинот Каракачанов. Ние инсистираме на апсолутна гаранција во Преговарачката рамка добрососедството, што не е критериум за членство во ЕУ што го измисли Бугарија, туку е европски, хоризонтален критериум, да се набљудува за цело време на Преговарачката рамка“,
одговара Захариева.
Пред една недела Каракачанов, кој е лидер на бугарската партија ВМРО-БНД и коалициски партнер во владата на Бојко Борисов, најави дека Бугарија ќе се спротивстави на првата меѓувладина конференција на ЕУ и Северна Македонија ако не се почитува Договорот за пријателство и добрососедство.
„Бугарија треба да се спротивстави на првата меѓувладина конференција, ако се придржува кон националните и европските интереси. Пред неколку дена Драги Ѓоргиев, копретседавач на Мешовитата комисија за историја се однесуваше грубо. Овие луѓе немаат намера да водат искрен дијалог со Бугарија. Тие мислат дека можат да ги прикријат работите. Тие замислуваат дека некој во Брисел или низ целиот свет ќе ја притисне Бугарија и ние ќе клекнеме. Очигледно, тие не разбраа што е ЕУ и како работи. Имаа три години да се превоспитаат“,
изјави Каракачанов за ТВ Европа.
Првата меѓувладина конференција, со која и формално ќе почнат преговорите со ЕУ, според најавите досега, би требало да се одржи до крајот на 2020 година.
За ваквиот план денеска зборуваше и германскиот министер за Европа Михаил Рот по средбата со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Според него, Северна Македонија ги исполнила условите и сега ЕУ е таа која треба да испорача и да почнат преговорите што е можно побргу. Очекувањата на Рот се дека до крајот на германското претседавање со ЕУ (крајот на 2020) ќе се случи и меѓувладината конференција.
„Во својство на претседавач со Советот за општи работи, гордо изјавувам дека планираме да започнеме со организација на првата Меѓувладина конференција и да ги започнеме пристапните преговори со Северна Македонија. Прилично сме оптимистични дека можеме да започнеме со пристапните преговори пред крајот на нашето претседавање. Во моментов имаме многу плодна и позитивна дискусија со другите земји членки на ЕУ, која треба да заврши со договор за рамката за пристапните преговори“,
рече Рот.
Бугарија во пресрет на усвојувањето на Преговарачката рамка испрати меморандум до земјите членки на ЕУ во кој наведе дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања, и притоа обвинува за наводна „државна антибугарска идеологија“.
Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн порача дека билатералните проблеми не треба да бидат во преговарачката рамка и оти од интерес на Бугарија е да не ја блокира Северна Македонија.
„Бугарија овие барања им ги има кажано на другите земји членки на почетокот на август. Ние, и според моите сознанија, сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион“,
рече амбасадорката Холштајн во интервју на Радио слободна Европа објавено на 18 септември.