Поранешниот прв човек на военото разузнавање, а сега национален координатор во Владата за интегрирано гранично управување, Владимир Пивоваров, е еден од сведоците, кој денеска сведочи како оштетен во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување.
Пивоваров рече дека и неговиот број бил цел на прислушувањето, а во периодот на следењето на комуникациите во периодот од 2008-2015 година бил професор на два приватни универзитети. Од тој период Пивоваров сподели и ситуација која ја имал со поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, кој му бил и студент на постдипломски студии. Грујевски е еден од обвинетите во овој предмет, и нему и на Никола Бошкоски им се суди во отсуство откако избегаа во Грција.
„За прислушувањето разговарав со мојот тогашен студент Горан Грујевски. Го прашав отворено во мојот кабинет кои се причините зошто го следат мојот мобилен телефон, на што ми одговори дека таа наредба е од повисоко. Го прашав: ‘Дали додека јас ти бев шеф во военото разузнавање, ти побарав да следиш какви било комуникации без наредба?’ Тој ми рече: ‘Јас сум благодарен што било така, но сега се изменија времињата’“,
рече Пивоваров.
Тој е еден од десетината сведоци што денеска се одзваа на поканата на обвинителството да сведочат како оштетени.
Меѓу сведочењата што се слушнаа денеска беа и оние на директорот на Комерцијална банка, Хари Костов и ексразузнавачот Слободан Богоевски.