Старо-новиот претседател на парламентот изјави дека најголемата опозициска партија веќе не отсуствува од координациите кај него, како што правеше во минатиот собраниски состав
Претседателот на парламентот, Талат Џафери, најави консултации со опозицијата за обезбедување 80 гласа за потврдување на петте одлуки на претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба, поради ковид-кризата, во период кога минатиот собраниски состав беше распуштен.
На денешниот редовен брифинг со новинари, прв во мандатот на овој собраниски состав, Џафери рече дека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ веќе не ги игнорира координациите кај спикерот, како што тоа го правеше во минатиот собраниски состав.
Тогаш ВМРО-ДПМНЕ отсуствуваше од редовните координациите кај Џафери, затоа што не го признаваше неговиот избор за претседател на парламентот на 27 април 2017 година.
„Ова е нов мандат“,
рече Џафери.
Тој вели дека нема проблеми ниту во координацијата со другата опозициска коалиција во парламентот – на Алијансата за Албанците и Алтернатива.
Сè уште не се знае ниту дали пратеникот Арбен Зибери, кој беше хоспитализиран поради ковид-19, ќе може да гласа на следната седница за избор на новите собраниски комисии, која Џафери планира да ја закажеза понеделник.
Џафери рече дека од понеделник ќе има почиста ситуација. Зибери би можел да гласа, како и претходниот пат, во посебна кабина и под посебни услови, доколку тестот на ковид-19 што треба да го направи денеска е негативен и ако тој добие продолжување на решението за изолација. Доколку контролниот тест му е позитивен, Зибери нема да може да гласа.
Сепак, Џафери рече дека не очекува да се проблематизира изборот на собраниските комисии, затоа што има консензус меѓу партиите за нивниот состав.
Инаку, според Уставот, претседателот треба да ги достави до парламентот на потврдување одлуките за прогласување вонредна состојба кога пратениците ќе бидат во можност да се состанат. Со оглед на тоа што претходниот собраниски состав се распушти пред прогласувањето на пандемијата на ковид-19, обврската за тоа му остана на новиот собраниски состав.
