Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица, Александар Гудев, вели дека пожарот се контролира и оти единствено сè уште гори на едно тешко пристапно место во селото Водоча

Ставен е под контрола пожарот што денеска околу пладне изби во Струмичко, на потегот од Водоча и Баница, се до месноста Софилар.
Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица, Александар Гудев, вели дека пожарот се контролира и оти единствено сè уште гори на едно тешко пристапно место во селото Водоча.
Во гаснењето на пожарот на помош на струмичките пожарникари биле и противпожарните единици од Валандово и од Радовиш, како и голем број доброволни противпожарни друштва од околните места. Екипи на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица биле вклучени за надополнување на резервите со вода, а градежна механизација од општествено одговорни компании помогнала за правење заштитни противпожарни појаси.
На пожарот интервенираше и еден „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Според последната изјава на градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, од пожарот нема поголеми материјални штети, иако огнот во еден момент беше во близина на дворовите, куќите и викендичките во месноста Софилар.
Инаку, ова е еден од 15 активни пожари на отворен простор на кои денеска се интервенира.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, во неговата попладневна изјава рече дека два од активните пожари во текот на денот директно загрозиле населени места.
Пожарот кај Струмица и натаму е активен во полето, а Ангелов изрази надеж дека нема да се прошири кон околните населени места.
Како втор сериозен пожар, директорот на ДЗС го посочи оној на територијата на Општина Прилеп, во близина на градските гробишта, кој во одреден момент ја загрозил и викенд-населбата.
Овој пожар сега е ставен под целосна контрола, а во неговото гаснење учествувале прилепските пожарникари, со поддршка од екипи од Битола и Кавадарци, како и две возила „пинцгауер“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Ангелов оцени дека денешниот ден е еден од најтешките во тековната сезона по бројот и сериозноста на активните пожари.
