За сериознoста на овој пожар информира и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој вели дека огнената стихија им се заканува на првите куќи во атарите на селата Баница и Водоча, поради што побарал итна помош од противпожарните екипи од Гевгелија, Валандово и Радовиш
Додека Ангелов информира за билансот на пожари регистрирани во текот на денешниот ден во земјава, меѓу кои и пожарите во Мариовско, дел од прилепските медиуми пренесоа итен повик од локаната противпожарна единица. Во него, како што пишува порталот „Инфо компас“, се вели сите кои имаат викендички или друг вид имот на потегот од хлорната станица кај новите градски гробишта во Прилеп, преку Широк пат па сè до Коњари, да се упатат веднаш таму поради голем пожар
Голем пожар денеска избувна на територијата на Општина Струмица, во атарот на селата Баница и Водоча и месноста Софилар. Огнената стихија, како што јави МИА, делумно е ставена под контрола и со механизација се прават пресеци за да се спречи ширењето, но според последните информации од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица, пожарот стигнал до населбата Софилар во градот, поради што командирот на струмичките пожарникари, Александар Гудев, наредил евакуација на жителите на населбата.

За сериозноста на овој пожар информира и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој вели дека огнената стихија им се заканува на првите куќи во атарите на селата Баница и Водоча, поради што побарал итна помош од противпожарните екипи од Гевгелија, Валандово и Радовиш.
Тој посочи дека во текот на денот избувнале повеќе тешки пожари, а најалармантна е состојбата во Струмичкиот Регион.
Додека Ангелов информира за билансот на пожари регистрирани во текот на денешниот ден во земјава, меѓу кои и пожарите во Мариовско, дел од прилепските медиуми пренесоа итен повик од локаната противпожарна единица. Во него, како што пишува порталот „Инфо компас“, се вели сите кои имаат викендички или друг вид имот на потегот од хлорната станица кај новите градски гробишта во Прилеп, преку Широк пат па сè до Коњари, да се упатат веднаш таму поради голем пожар.
Инаку, како што соопшти Ангелов, во Прилепскиот Регион активни се пожари во атарите на селата Маџуниште, Коњаре и Бонче, при што пожарот кај Бонче е дел од поголемиот мариовски пожар.
„Добра вест е што мариовскиот пожар е речиси целосно изгаснат и останува активен само кракот кон Бонче. Утрово таму ги упативме тимовите за брз одговор на ДЗС, составени од доброволци од Битола, Кочани и Виница“,
изјави Ангелов.
Според него, сериозен пожар е активен и на подрачјето на Општина Студеничани, каде огнената стихија се движи кон планинското село Цветово и претставува закана за објект во кој најверојатно има трло.
Ангелов информира дека е активен и пожарот во атарот на тетовското село Церово во Општина Желино, кој избувнал вчера и се шири кон ридскиот предел.
„Гори неквалитетна шума, грмушки и трња, но постои опасност да бидат зафатени и лозовите насади во овој реон. Разговарав со командирот на ТППЕ Тетово, кој ќе испрати дополнителни екипи за заштита на лозјата и околниот имот“,
рече директорот на ДЗС.
Тој наведе дека нови пожари се регистрирани и во атарот на селото Тајмиште во Kичевско, кај селото Ломница во Општина Врапчиште, како и во Општина Маврово и Ростуше, каде што на терен интервенираат припадници на Дирекцијата за заштита и спасување и локално население.
Ангелов повика да не се создава паника бидејќи наредните денови ќе има уште повеќе пожари, со оглед на високите температури.
Според податоците од Дирекцијата за заштита и спасување, на територијата на државава до околу 14 часот се регистрирани најмалку 20 пожари на отворен простор, од кои најмалку 11 се активни.
