Во гаснењето се вклучиле и голем број доброволни противпожарни друштва од околните места, екипи на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица за надополнување на резервите со вода, како и градежна механизација од општествено одговорни компании за правење заштитни противпожарни појаси
Пожарот што денеска изби во непосредна близина на Струмица, зафаќајќи ги атарите на селата Водоча и Баница поради силниот и променлив ветер, брзо се проширил преку сувата вегетација и се доближил до првите куќи и дворови, но со брза и координирана интервенција на противпожарните екипи е спречена поголема материјална штета, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Во гаснењето на пожарот интервенира и еден „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Во видеоизјава снимена во непосредна близина на пожарот, градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, кажа дека веднаш по дојавата, Територијалната противпожарна единица од Струмица излегла на терен, а засилување стигнало и од противпожарните единици од Валандово и од Радовиш.
Во гаснењето се вклучиле и голем број доброволни противпожарни друштва од околните места, екипи на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица за надополнување на резервите со вода, како и градежна механизација од општествено одговорни компании за правење заштитни противпожарни појаси.
Градоначалникот Јанков ги повика граѓаните да останат смирени велејќи дека сите кои во моментов се на терен се координирани и работат согласно ситуацијата. Тој најави дека сите конкретни информации ќе бидат споделени официјално.
Побара од граѓаните во деновите што следуваат, заради високите температури и зголемената опасност од пожари, да бидат особено внимателни и одговорни.
„Да избегнуваме какви било активности што можат да предизвикаат пожар и со заедничка одговорност да придонесеме за заштита на нашата безбедност и на природата“,
напиша Јанков на Фејсбук.
