Контрамерките на Канада ќе опфатат сектори како што се челик, млечни производи, апарати за домаќинство, земјоделска опрема, пулпа и хартија и електроника, како и некои сектори кои САД веќе ги таргетираа со царини, нагласи канадскиот премиер

Од 8 септември Канада ќе воведе царини за увоз од Соединетите Американски Држави во голем број сектори, како одговор на новите царини од 50 проценти што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, објави канадскиот премиер Марк Карни.
САД и Канада не успеаја да постигнат трговски договор по неколкудневни интензивни преговори, а Вашингтон денес воведе нови царини од 50 проценти за одредени канадски производи.
Новите царини на САД опфаќаат низа производи, вклучувајќи вино, мебел, млечни производи, цемент, облека, рибарски стапови и опрема за хокеј, и се однесуваат на околу 20 милијарди долари канадски извоз во САД.
„Канада ќе ги усогласи новите царини на Вашингтон долар за долар за да ги заштити канадските работници, земјоделци, семејства и бизниси“,
рече Карни на прес-конференција.
Контрамерките на Канада ќе опфатат сектори како што се челик, млечни производи, апарати за домаќинство, земјоделска опрема, пулпа и хартија и електроника, како и некои сектори кои САД веќе ги таргетираа со царини, нагласи канадскиот премиер.
„Не можеме да го прифатиме она што го понудија, ниту да го дадеме она што го побараа.Го преземаме овој чекор уверени дека е во најдобар интерес на Канада“,
рече Карни.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека царините по член 338, кои се однесуваат на канадската стока во вредност од околу 20 милијарди долари, стапуваат во сила денеска.
„Канада одби да го финализира трговскиот договор според условите договорени претходно оваа недела. И покрај понудата на САД до Канада да добие најдобар третман од кој било голем извозник на нашиот пазар, новите барања и повлекувањето на Канада од други обврски го поништија внимателно договорениот баланс од последните денови“,
изјави американскиот трговски претставник Џејмисон Грир.
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп на 18 август соопшти дека ги одложува на три дена новите царини од 50 отсто кон Канада, кои требаше да стапат во силана полноќ, наведувајќи дека двете земји постигнале договор.
