Во женска конкуренција најдобра беше аргентинката Мајте Ајлен Пука, која патеката ја мина за 5:20:44 часа

Италијанскиот пливач, Алесио Окипинти, е победник на 39. Охридски пливачки маратон. Тој патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до Охрид во должина од 25 километри денеска ја исплива за 5:03:44 часа. Второто место му припадна на неговиот сонародник Николо Ричарди, а трет на целта стигна 17-годишниот македонски натпреварувач Петар Цеков кој до целта доплива за 5:07:26 часа.
Во женска конкуренција најдобра беше аргентинката Мајте Ајлен Пука, која патеката ја мина за 5:20:44 часа.
И Окипинти и Пука триумфираа и на маратонот одржан минатата година.

Цеков по маратонот изјави дека трката била тешка, дека се чувствува малку изморен, но и оти е задоволен од резултатот.
„Имав одреден пропуст во трката, не ги видов конкурентите додека ме препливаа од десната страна…За мене ова е остварување на сон. Следна цел ми е да се сконцентрирам на олимписката дисциплина на десет километри, како и за престојниот маратон во Хрватска“,
рече Цеков.
На целта на кејот „Македонија“ во Охрид пливачите ги пречека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е главен покровител на маратонот и која им ги даде наградите.
Наградниот фонд на трката изнесува 15 илјади долари, распределни соодветно за првите тројца во двете категории.
На маратонот учествуваа шеснаесет маратонци, од кои 11 во машка и пет во женска конкуренција.
Маратонците се од Македонија, Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина.
За Македонија настапуваа Александар Илиевски, Петар Цеков, Леонид Мишевски и Росана Гошева.
