Тој потенцираше дека ЕБР претставува еден од клучните столбови на безбедносниот систем, нагласувајќи дека современиот организиран криминал бара нов пристап и технологија
Во рамки на одбележувањето беше изведена и тактичко-показна вежба во која припадниците на ЕБР ги презентираа своите способности и оперативна подготвеност, а посетителите имаа можност да ја разгледаат и изложената специјализирана опрема што ја користи единицата

Со свеченост пред Офицерскиот дом во Битола, Единицата за брзо распоредување (ЕБР) одбележа 25 години од своето формирање. На настанот беа истакнати нејзиниот развој од 2001 година до денес, како и плановите за идна модернизација, техничко опремување и усовршување на кадарот.
„Од своето формирање во 2001 година до денес, ЕБР помина долг развоен пат и прерасна во високопрофесионална, мобилна, обучена и оперативно подготвена полициска формација“,
рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој потенцираше дека ЕБР претставува еден од клучните столбови на безбедносниот систем, нагласувајќи дека современиот организиран криминал бара нов пристап и технологија.
„Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност, припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни. Во сложени полициски операции, во поддршка на други организациски единици, при обезбедување лица и објекти, при нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем, во ситуации во кои се потребни значителни полициски капацитети, но и секогаш кога граѓаните и државата се соочуваат со предизвици што бараат брза, организирана и професионална реакција“,
рече Тошковски.
Говорејќи за идниот развој на полицијата и безбедносните предизвици, министерот потенцираше дека организираниот криминал и современите ризици бараат нов пристап, модерна опрема и врвно обучен кадар.
Според него, денес безбедносните предизвици се поразлични од оние што биле пред дваесет и повеќе години. Вели дека организираниот криминал постојано се менува, а криминалните структури се помобилни и пософистицирани.
„Современите безбедносни ризици бараат побрза размена на информации, подобра координација, современа технологија, специјализирана опрема и, пред сѐ, врвно обучени луѓе. Затоа не можеме полицијата на иднината да ја градиме со методите од минатото. Нашата цел е јасна: модерна, професионална, добро опремена и мотивирана македонска полиција, способна да одговори на сите предизвици на современото време“,
додаде Тошковски.
Командантот на ЕБР, Стојанче Николов, нагласи дека јубилејот е повод за гордост, но и потсетник на одговорноста што ја носат генерациите припадници на единицата.
Тој потсети дека ЕБР низ годините прераснала во една од најподготвените и најангажирани оперативни единици во рамки на македонската полиција, посочувајќи дека зад секоја успешно реализирана задача стојат луѓето кои секојдневно ја градат единицата.
Во рамки на одбележувањето беше изведена и тактичко-показна вежба во која припадниците на ЕБР ги презентираа своите способности и оперативна подготвеност, а посетителите имаа можност да ја разгледаат и изложената специјализирана опрема што ја користи единицата.
По повод јубилејот беа доделени благодарници и плакети. За најдобар припадник на ЕБР во изминатата година беше прогласен Драган Атанасов, кој доби благодарница за постигнатите резултати. Плакета му беше врачена и на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев. Плакети за придонес во поддршката и унапредувањето на проектите на ЕБР добија и Ристо Ставревски, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи, Ѓорѓи Божинов, шеф на кабинет на директорот на Бирото за јавна безбедност, и Васко Наумовски, началник на Одделот за специјални полициски операции. Вкупно 33 припадници на единицата добија плакети за 25 години дел од ЕБР.

