Условната казна со заштитен надзор е шанса за вистинска ресоцијализација, а не купена привилегија за моќниците, порачува Димовска
Во однос на неискористените електронски алки за куќен затвор, таа лоцира дека проблемот не е во судовите, туку во строгите законски ограничувања и недостатокот на прецизни правилници за тоа кому може да се изрече таа мерка
Македонскиот казнено-поправен систем се наоѓа во нов ќорсокак. Јавноста посакува борба со корупцијата и криминалот, а во затворите веќе и нема место. Најголемиот, Идризово, повторно е пранатрупан.
Гужвата ќе беше уште поголема да не беше пробацијата. Во моментов има околу 1 200 вакви активни предмети, од кои најмногубројни се осудените лица кои под надзор издржуваат казна на слобода. Сепак, освен Основниот кривичен суд во Скопје, останатите имаат скромен број на вакви пресуди.
Дали проблемот е во неподготвеноста на судиите или во нешто друго? На овие дилеми одговара Даниела Димовска, претседателка на Основниот кривичен суд Скопје – судот кој предничи со најголем број на вакви пресуди.
Обврска за најголемиот суд, но и простор за напредок во внатрешноста
Статистиката покажува дека Основниот кривичен суд во Скопје има несразмерно поголем број на пресуди со алтернативни мерки во споредба со останатите судови во земјата. Речиси 7 од 10 предмети за алтернативни мерки се нивни.

Даниела Димовска: „Тој факт јас го гледам не само како показател, туку и како обврска на Кривичниот суд Скопје како најголем суд да ги примени новите современи механизми на извршување на санкцијата. Скопје е најголемиот судски центар, тука се наоѓаат поголем дел од судовите, така да природно е тие промени побрзо да се препознаваат и да се применуваат. Не би рекла дека во останатите градови не се применува пробацијата, но секако дека има простор за поголема примена на оваа мерка. Сметам дека со подобрувања на системот за пробација, со подобрите извештаи за ризик и поголемата доверба од страна на јавноста во овој институт, оваа мерка сè повеќе ќе се применува“.
Внимателност, а не неедуцираност
На ставот на извршната власт дека кај дел од судиите постои одреден степен на „неедукација“ или страв кога станува збор за алтернативните мерки, Димовска се спротивставува. Според неа, судијата мора да го процени секој поединечен ризик.
Даниела Димовска: „Јас не би го генерализирала тоа така и сметам дека не станува збор за неедукација на судиите, туку апсолутно треба да се прави разлика помеѓу едуцираност и внимателност. Мислам дека станува збор за поголема внимателност, бидејќи судиите кога ги определуваат овој тип на мерки, внимаваат на ризикот, на слабостите и на сите останати елементи, односно дали постои можност за изрекување на овој вид на мерка“.
Правда или привилегија? Јавноста мора да сфати дека пробацијата е казна
Еден од клучните проблеми со кои се соочуваат судиите е притисокот од јавноста. Кога ќе се изрече условна казна со заштитен надзор или куќен затвор, граѓаните често тоа го перцепираат како неказнивост или привилегија за моќните. Димовска вели дека стравот од јавноста не е пресуден за судиите, но перцепцијата мора да се промени.

360 степени: „Голем дел од јавноста на овие алтернативни мерки гледа како на нешто што се добива со врски. Те осудиле, не те ставиле во затвор туку те пуштаат да се шеташ. Кое е вашето објаснување по ваквото перципирање?“
Даниела Димовска: „Јас го разбирам сомнежот кај дел од јавноста кога ќе слушне дека некој направил кривично дело, а за истото не оди во затвор туку добива алтернативна мерка, сметајќи дека станува збор за одредена привилегија. Но, јас сакам да упатам една порака дека пробацијата не е привилегија или подарок, не станува збор за поволност, туку станува збор за начин на извршување на одредена казна… Затворите не треба да бидат одговор на секој криминалец, туку нас ни требаат истите тие да бидат вратени во системот ресоцијализирани. Пробацијата е токму тоа – извршување на одредена казна под одредени принципи, под одредена контрола, со којашто ресоцијализацијата, односно враќањето во системот е главната цел“.
Воедно, таа апелира и до семејствата на осудените да не молчат доколку забележат какви било коруптивни барања за да се добие ваква мерка.
Даниела Димовска: „Судските одлуки не се купуваат. Со една таква одлука ќе се доведе во сомнеж не само одлуката туку и довербата во целата институција“.
Куќен затвор: Законски празнини и нејасни дефиниции
Кога станува збор за куќниот затвор, директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов за „360 степени“ изјави дека законот е премногу рестриктивен (дозволува куќен затвор само ако предвидената казна е до 5 години, а изречената до 3 години).

Димовска потврдува дека токму овие законски рамки се причината поради која Основниот кривичен суд во моментов воопшто нема активни случаи на куќен затвор.
360 степени: „Законодавецот предвидел неколку алтернативни мерки. Евидентно е сепак дека за некои алтернативни мерки имаме поголем број на пресуди, за други пак многу малку. Дали мислите дека проблемот лежи во судиите или лежи во законодавството?“
Даниела Димовска: „Зависи од мерката, но ако зборуваме на пример за куќниот затвор, морам да кажам дека во моментот ние немаме пресуда со куќен затвор во Основниот кривичен суд. Причината за истото е бидејќи законодавниот предвидел дека оваа мерка може да се определува единствено ако станува збор за кривични дела за коишто е предвидена казна затвор до 5 години и притоа е определена казна затвор помала од 3 години. Но, кривичните дела коишто ги работи овој суд ретко се толку мали… На пример за илустрација, кривичното дело ‘перење пари’… казната затвор којашто се предвидува таму е од 1 до 10 години. Така да, во тој случај не би можело да се користи оваа мерка“.
Дополнителен проблем, според Димовска, е недостатокот на прецизни правилници. На пример, за одредбите во Кривичниот законик кои предвидуваат дека куќен затвор се одобрува само на „стари и изнемоштени лица“.
360 степени: „Вие како судија, знаете која е границата за постаро лице и што е нарушено здравје?“
Даниела Димовска: „На оваа тема често се коментира и претпоставувам дека требаше Министерството за правда да донесе одредени правилници… Ние немаме некој правилник, односно водич при определување на овие услови. За медицинската документација е малку полесно бидејќи се добиваат такви извештаи, вештачења и слично, но за возраста што би претставувало постар, навистина е дискутабилно“.
