Македонските затвори се хронично преполни. КПД Идризово, како најголема затворска установа, континуирано функционира со капацитет над предвидениот, што создава финансиски и логистички проблеми
Решението за пренатрупаноста, покрај евентуалните амнестии, државата сè повеќе го гледа во алтернативните мерки – куќниот затвор и пробацијата (условната казна со заштитен надзор).
Законот за пробација е донесен уште во 2015 година, но ефективно почна да се применува неколку години подоцна. Денес, според Управата за извршување на санкции (УИС), имаме функционална пробациска служба со 11 канцеларии низ државата и 30 обучени службеници. Сепак, дали судиите доволно ги користат овие законски можности?
За овие предизвици, за придобивките од куќниот затвор и електронскиот надзор, како и за инертноста на судскиот систем, разговаравме со Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции.
Куќниот затвор и „алките“ – инвестиција која (конечно) профункционира
Законот за кривична постапка овозможува издржување на казната во куќен затвор. За таа намена, уште пред една деценија, со помош на европски фондови беа набавени електронски алки за надзор. Но, тие со години фаќаа прашина. Пандов нагласува дека овој систем конечно е ставен во функција и тоа било услов за да не се плаќаат скапи пенали.

360 степени: „Колку сте задоволни од користењето на мерката куќен затвор од позиција на директор на Управата за извршување санкции?“
Александар Пандов: „Откако сме ги добиле од Европска Унија алките, после 10 години беа ставени во функција. Ако не беа ставени во функција дополнително ние… тоа недела веќе беше со завршување на 2024 година, ако не ги имавме ставено во функција околу 660 000 евра ќе требаше пенали да плаќаме на Европска Унија. Имаше и политичка поддршка од претседателот на владата, Христијан Мицкоски… Имавме максимална желба, успеавме да ги ставиме во функција.“
Според податоците на УИС, од 2025 година наваму, донесени се само 12 судски одлуки за куќен затвор со електронски надзор (4 пресуди и 8 решенија за замена на казна затвор).
Судиите сè уште резервирани кон куќниот затвор
И покрај тоа што опремата е функционална, судовите многу ретко ја изрекуваат оваа мерка. Еден ограничувачки фактор е Кривичниот законик кој предвидува дека куќен затвор може да се пресуди само на осудено лице кое сторило кривично дело за кое е предвидена казна до пет години. Друг важен ограничувачки фактор е дека лицето треба да биде старо и со нарушено здравје, иако нема дефиниции што точно се подразбира под тие термини. Пандов се согласува дека актуелната законска рамка остава премалку простор, но истовремено ги критикува и судиите за нивната воздржаност.
Александар Пандов: „Дали сум задоволен? Според мене малку се, затоа што имаме многу поголем број на осудени лица коишто се по затворите и коишто се во тие три категории: тешко болни, стари изнемоштени лица и бремени жени/мајки. Меѓутоа, во овие првиве две категории има втор ограничувачки фактор со којшто директорот на скопскиот суд и судиите ми го посочуваат, а тоа е да не е предвидена поголема казна од 5 години, а да не е пресудена поголема од 3 години.“
Тој потенцира дека Управата веќе иницирала законски измени со цел да се прошири опфатот на лица кои би можеле да издржуваат куќен затвор.
Александар Пандов: „Има желба во нареден период тоа да се смени. Да се зголеми таа рамка. Во тој случај верувам дека бројките на куќен затвор ќе бидат многу поголеми. Меѓутоа и во рамки на овој постоен закон, според мене може, има простор за многу повеќе осудени лица да бидат префрлени во куќен затвор.“
Пробацијата е поевтина и поуспешна од затворот
Покрај куќниот затвор, главниот фокус на Управата е пробацијата (заштитниот надзор). Бројките на УИС говорат дека еден ден во затвор чини околу 1 800 денари, додека еден ден под пробација чини само 60-90 денари.
Пандов нагласува дека неговиот фокус е многу повеќе насочен кон пробацијата отколку кон куќниот затвор, поради позитивните резултати во праксата.

Александар Пандов: „Јас многу сум завземен, не само околу куќниот затвор, многу повеќе околу пробацијата, затоа што пробацијата е алтернативна мерка којашто над 100 години во западната демократија се користи. Кај нас 5 години, 6. И бројките во голема мерка растат… 50% има зголемување на пробацијата од денот кога сум јас пред 2 години назначен на оваа позиција и денес.“
Успешноста на оваа мерка се потврдува и статистички – од над 4.000 предмети, отповикани се само 2,25%, а процентот на повратници е минимален (0,5%). Ова, според Управата, е доказ дека ресоцијализацијата на слобода е многу поефикасна.
Апел до судовите: Пробацијата не е политичка мерка, туку пракса на Западот
И покрај позитивните резултати, Пандов посочува на огромни разлики во судската пракса низ државата. Додека некои судови редовно ја користат, во други оваа мерка е речиси непозната.
Александар Пандов: „Ако скопскиот кривичен суд, над повеќе од половина… сите условни пресуди коишто се, се со заштитен надзор (пробација). Имаме судови каде што имаме стотици условни пресуди, а на една рака, едноцифрена бројка само со заштитен надзор. Не постои суд во државава, поголем суд во државава, во којшто лично не сум бил повеќе пати.“
Пандов отфрла какви било инсинуации дека пробацијата се користи како алатка за спасување на одредени профили на осуденици, потенцирајќи дека мерката постои токму поради препораките од западните демократии.
Тој најавува дека Управата ќе продолжи со притисокот врз институциите за промена на законските ограничувања, со надеж дека судиите почесто ќе изрекуваат пробациски мерки и подолги условни отпусти.
Александар Пандов: „Се надевам подоцна дека тоа ќе биде изменето и да бидат зголемени тие рамки. Јас го имам стручното барање од судската фела, дека бараат зголемување… Сум оптимист дека ќе го смениме тоа, дека нема да остане така. И да видиме. Се надевам подоцна дека бројките ќе кажуваат дека се движиме во супер правилна насока…“
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА:
Убаво би било да се даде нова амнестија, вели директорот на „Идризово“, Зоран Јовановски
Даниела Димовска: Затворот не е одговор за секој криминалец, а пробацијата не е привилегија
(ВИДЕО) Казна на слобода наместо во затвор – правда или привилегија
