„Имаме намера да образложиме што би значело таа амнестија или помилување“, вели Јовановски во интервју за „360 степени“. Документот ќе го достави до Министерството за правда, а одлуката ја остава на политиката
Поводот за евентуална амнестија е повторната пренатрупаност на затворските установи. Во Идризово, на пример, во моментов живеат 1 296 осуденици. Популацијата достигнува 1 467 ако се додадат и сите кои во моментов се на отсуство, во болница или, пак, се водат дека се во бегство. Капацитетот за сместување на Идризово е 1 187 лица
КПД Идризово e најголемиот затвор во државата. Иако претходните години веќе се спроведоа законски мерки за намалување на пренатрупаноста (како Законот за амнестија и простувањето на ковид-казните), ефектот е само краткотраен. Tериторијата на затворот е подрачје за кое е прогласена кризна состојба, па надворешните ѕидови ги обезбедуваат специјални единици на Армијата.

Директорот Зоран Јовановски отворено признава дека подготвуваат предлог до Министерството за правда за нова амнестија. Бројките, за Идризово, се следни: капацитетот е 1 187 осуденици, во затворот се присутни 1 296, а ако се вратат наеднаш и тие што се на отсуство, во болница или во бегство (најчесто лица кои не се враќаат од поволност), популацијата ќе биде 1 467.
Подолу се бројките и за дел од другите установи.
(Состојба на 07.09.2026)
| Казнено-поправна установа (КПУ) | Капацитет | Број на присутни осуденици | Вкупен број осуденици (со бегства и отсуства) |
| КПД Идризово | 1 187 | 1 296 ⚠️ | 1 467 🚨 |
| КПД Штип | 139 | 211 ⚠️ | 242 🚨 |
| КПУ Прилеп | 108 | 134 ⚠️ | 159 🚨 |
| КПУ Битола | 77 | 79 ⚠️ | 101 🚨 |
| ВКУПНО СИТЕ ЗАТВОРИ | 2 113 | 2 059 | 2 496 🚨 |
| Извор на податоци: Управа за извршување на санкции |
Гужви, импровизации и недостиг на финансии
Во разговор за проблемот со капацитетите, директорот на Идризово, Зоран Јовановски, одговара кратко, но неговите зборови прецизно ја отсликуваат тешката реалност зад решетките.

360 степени: „Директоре, според бројките коишто ги добивме од Управата за извршување на санкциите, капацитетот на затворот Идризово е безмалку 1 200 лица. Но вие имате тука повеќе од вашиот капацитет. Колку луѓе би требало да се соберат во Идризово, а колку има всушност во моментов?“
Зоран Јовановски: „Со капацитетите онака како што е пропишано, ние сме околу 100 и кусур, скоро 200 над капацитетот“.
360 степени: „Каде ги ставате тие луѓе ако немате кревет за нив?“
Зоран Јовановски: „Имаме простории кои ги пренаменивме во спални, и во тие веќе се растерити гужвата“.
Но, пренамената на простории не го решава финансискиот товар. Како што се зголемува бројот на затвореници, така се топи затворскиот буџет.
Зоран Јовановски: „За последниве три години, мене бројката ми се зголеми за околу 200 осудени лица… Тоа се 200 плус на листата за јадење, листата за сместување, листата за трошење на струја, на вода. Значи трошокот се зголемува. Цените растат, а буџетот ни се намалува. Нас како затвор нè рачунаат во делот на администрација, и владата скоро секоја година буџетот на администрација го намалува, и на нас ни го намалува буџетот“.
Нова амнестија и алтернативни мерки
Бидејќи затворите се преполни, а буџетите скратени, управата на Идризово излезот го гледа во ново кратење на казните, односно простување на дел од казната за одредени профили на криминалци.

360 степени: „Имаше една амнестија во последниве неколку години, потоа беа ослободени од издржување на казни оние коишто не ги платија казните за Ковид… Што мислите вие дека треба да се преземе сега?“
Зоран Јовановски: „Убаво би било пак да се даде некоја амнестија за некои одредени кривични дела за да се намали бројката, меѓутоа тоа сепак е работа на политичарите“.
360 степени: „Дали вие ќе барате такво нешто?“
Зоран Јовановски: „Па ние имаме намера да образложиме што би значело таа амнестија или помилување во проценти од 10 посто, 15 или 20 посто, и ќе ја доставиме до министерот, па понатака нека одлучуваат“.
Ваквиот потег редовно наидува на жестоки критики во јавноста, која смета дека државата ги пушта криминалците на слобода само затоа што не е способна да изгради и одржува затвори. На ова, Јовановски одговара:
Зоран Јовановски: „Не ги ослободуваме целосно, него и дел од казната намалуваме за да ги намалиме капацитетите“.
Досегашните амнестии, сепак, се покажаа само краткорочно решение. На прашањето, кое е долгорочното, Јовановски вели:
Зоран Јовановски: „Помалку криминал да се прави и што повеќе да се работи на алтернативните мерки, односно казната затвор да се заменува со општокорисна работа или пак работи кои судиите можат да ги дадат пред истекот на казна. Тоа се условните осуди со некоја мерка заштитна.“
Бавни вработувања и хроничен недостиг на кадар
Покрај просторните и финансиските главоболки, управата на затворот се соочува и со сериозен проблем со кадровската екипираност. Бирократските процедури го парализираат навременото пополнување на испразнетите работни места, што директно влијае врз безбедноста и функционирањето на установата.

Зоран Јовановски: „Убаво би било да се прати трендот на заминување на вработените и побрзо да се заменуваат нивните места со нови вработувања… Меѓутоа ние многу доцниме. Ние чекаме цела година да помине, да го собереме бројот на луѓе кои заминале во пензија или кои си заминале по разни основи, па да добиеме финансиска согласност, па да распишеме оглас. Поминува голем период од заминувањето на луѓето од работа до пополнувањето на нивните работни места“.
Ресоцијализацијата е мит поради немање услови
Кога установата кубури со простор, соодветен кадар и финансии, логично се поставува прашањето – дали затворот воопшто ја врши својата основна функција, а тоа е ресоцијализацијата на осудениците пред нивното враќање во општеството? Јовановски е искрен о по ова прашање, признавајќи дека затворот во моментов не успева да ги рехабилитира криминалците.
Зоран Јовановски: „Моментално можам да кажам дека многу мал број на луѓе се ресоцијализираат, многу мал број. Поголем број како дошле, така си заминуваат, не се доволно ресоцијализирани. Тоа е сè поради немање на објекти каде би се ресоцијализирале луѓето, и луѓе кои би работеле со нив“.
