Причината за големата разлика меѓу бројките е што дел од запишаните ученици не биле навремено внесени во електронскиот дневник, иако училиштата имат обврска навремено да ги ажурираат податоците
Првично објавената бројка дека во однос на лани недостасуваат околу 4 900 деца што годинава требало да започнат со настава во прво одделение не е точна, бидејќи дел од запишаните ученици не биле навремено внесени во електронскиот дневник, иако училиштата имат обврска навремено да ги ажурираат податоците. Ова вечерва го изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска гостувајќи во емисија на 4ТВ, а коментирајќи ги причините за намалениот број запишани ученици годинава во основните и средните училишта.

Посочи дека состојбата е значително поинаква од онаа што била соопштена пред месец и половина, кога според податоците внесени во електронскиот дневник, недостасувале околу 4 900 првачиња.
Актуелната разлика во бројот на запишани првачиња во однос на минатата година е околу 1 500 првачиња.
„Не е добро што бројката е намалена, но не е толку голема како што изгледаше пред месец и половина“,
рече таа.
Според неа, искуството од претходните години покажува дека дел од првачињата се запишуваат и кон крајот на август, но и во текот на септември.
„Тоа е лоша навика, но ќе се обидеме да го поправиме“,
кажа министерката.
Дополнително, додаде дека во 2020 година се родиле околу 800 деца помалку во однос на претходната година, што треба да се земе в предвид при споредбата со бројот на запишани првачиња.
Во однос на иселувањето, Јаневска вели дека има впечаток оти бранот на иселување е нешто намален, додавајќи дека официјалните статистички податоци ќе бидат познати на крајот на годината.
Изрази надеж оти годинава состојбата ќе биде подобра во однос на претходните години, бидејќи има информации за случаи на ученици што се доселиле во земјава.
Министерката во изјава даде на 11 август рече дека за намалениот број првачиња во однос на лани влијае, пред сè, падот на наталитетот.
На првиот училишен ден, министерката рече дека има 3 000 првачиња помалку и привремено се затвораат 26 училишта во руралните средини. Покрај тоа таа излезе со пораки за подобрување на демографијата, повикувајќи г најмладите ученици – првачињата да побараат да добијат братче или сестриче.
Целта на ваквата порака, како што кажа, е да се даде акцент за поголема свест кај населението за човечкиот капитал.
