„Генерацијата што сега се запишува во прво одделение е родена во 2020 година, а статистичките податоци покажуваат дека наталитетот во тие години бележи пад. Тоа е една од причините за намалениот број ученици“, смета министерката за образование и наука Весна Јаневска

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека околу 4 000 деца, кои годинава треба да започнат со настава во прво одделение, сè уште не се запишани, но бројката не е конечна бидејќи дел од родителите традиционално ги запишуваат децата кон крајот на август и во текот на септември.
Во интервју за ТВ Сител, Јаневска рече дека Министерството ќе го има конечниот број на запишани првачиња до крајот на септември.
„Дел од учениците што требаше да бидат запишани во мај и јуни сè уште не се запишани. Тоа е пракса и од претходните години. Одреден број родители ги запишуваат своите деца кон крајот на август, па дури и во текот на септември. Дополнително, не сите училишта навреме ги внесуваат податоците во Е-дневникот, а бројките ги добиваме токму од тој систем“,
рече Јаневска.
Министерката смета дека за намалениот број првачиња во однос на лани влијае, пред сè, падот на наталитетот.
„Генерацијата што сега се запишува во прво одделение е родена во 2020 година, а статистичките податоци покажуваат дека наталитетот во тие години бележи пад. Тоа е една од причините за намалениот број ученици“,
рече таа.
Министерката смета дека голем предизвик на кој институциите работат континуирано е што дел од децата сè уште не се вклучени во образовниот процес. Меѓу причините за ова таа го спомена работното ангажирање на децата најчесто во земјоделството, но додаде дека таа појава била присутна во минатото и дека значително се намалува.
