Таа потсети дека пред две години биле направени три сликовници за прво до трето одделение, со наслов „Јас, мама, тато, дада и бато“ и оти се надева дека училиштата ги користат
Премиерот истакна дека уште од прво одделение децата треба да ја научат што е семејство, потсетувајќи на читанката воведена во образованието

На првиот ден од новата учебна година, министерката за образование и наука Весна Јаневска покрај пораките до учениците да стекнуваат знаење, денеска ги повика најмладите ученици – првачињата да побараат да стекнат братче или сестриче. Целта на ваквата порака, како што вели, е да се даде акцент за поголема свест кај населението за човечкиот капитал.
Осврнувајќи се на фактот што од овој септември има 3 000 првачиња помалку и привремено се затвораат 26 училишта во руралните средини, Јаневска излезе со пораки за подобрување на демографијата
„Ако продолжиме вака, ние постојано ќе затвораме училишта. Оттука, можеби порака до првачињата: освен да бараат да стекнат знаење, можеби треба да бараат да стекнат братче или сестриче за овие привремено затворени училишта во иднина повторно да ги отвориме. Населението да стане свесно колку човечкиот капитал е значаен, пред сè за нив самите и нивниот живот и, секако, за нивната држава“,
рече Јаневска при посетата на ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани во општина Бутел.
На новинарско прашање за намалениот број првачиња од речиси 3 000 за разлика од лани на ниво на државата, Јаневска, претходно, од ОУ „Киро Глигоров“, одговори дека „демографијата е посебна наука и многу нешта треба да се направат во тој правец“, а дека во образованието се воведени многу мерки со кои се подобруваат условите за учење.
Таа потсети дека пред две години биле направени три сликовници за прво до трето одделение, со наслов „Јас, мама, тато, дада и бато“ и оти се надева дека училиштата ги користат.
„Сè што правиме е многу сериозно – инфраструктура, технологија, нови наставни програми, нови наставни помагала, учебниците се редовно снабдени. Сè со цел да им е попријатен животот на децата во Македонија. А, кога на децата им е убаво, и нивните родители ќе сакаат, претпоставувам, да останат тука и ќе се охрабрат да имаат повеќе дечиња“,
рече министерката.
Денеска и премиерот Христијан Мицкоски, при пуштањето во употреба на доградбата на ООУ „Ацо Шопов“ во Бутел, порача дека намалувањето на бројот на ученици е доминантно од демографска природа и дека решавањето на овој проблем бара враќање кон традиционалните семејни вредности уште од најмала возраст.
Споредувајќи ги податоците, тој посочи дека во 2025 година се родени 15 650 деца, што е за 7 000 до 8 000 помалку во споредба со периодот пред седум-осум години, што директно се одразува врз намалувањето на бројот на паралелки и училишта.
Премиерот истакна дека уште од прво одделение децата треба да ја научат што е семејство, потсетувајќи на читанката воведена во образованието:
„Се обидовме уште од најмали години, на најмалите преку една читанка ’Јас, мама и тато, дада и бато’, преведена на македонски, на албански и на другите јазици, да биде поделена во училиштата во кои се изведува на тој јазик наставата за да може уште од најмала возраст првачињата да сфатат што е семејство. Дека семејството не е јас, мама и тато, туку семејството е јас, мама и тато, дада и бато. Тоа е семејство“.
Мицкоски додаде дека за економски развој и напредок на државата е неопходно прво да се почне со стабилизирање на семејните вредности, повикувајќи ги и сите иселеници да се вратат и да го градат животот во сопствената татковина.
