Интервентните комбиња за потребите на Секторите за внатрешни работи треба да се нови, но може да се произведени и во 2025 година, пишува во техничките карактеристики во тендерската документација. За сите други возила се бара да бидат производени во 2026 година. Од МВР одговараат дека „техничката спецификација е изготвена врз основа на потребите на повеќе организациски единици, при што секоја од нив самостојно ги дефинирала своите барања“
За категоријата (делот) интервентни комбиња за потребите на СВР, сепак, има значителна конкуренција. Се пријавија четири фирми, етаблирани увозници на познати производители, кои ќе се натреваруваат и на електронска аукција. За некои од другите категории на возила кои се набавуваат имаше помал интерес и тоа претежно од застапници на кинески брендови. За некои категории, воопшто немаше заинтересирани
Неколку дена пред Новата 2026 година, Владата ги промовираше 120-те нови автомобили што ги купи за полицијата.
„Да посакаме, вака условно кажано, што помалку да се користат, тоа значи дека ќе има што помалку криминал и криминалци“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски на промоцијата одржана на 26 декември 2026 година.
На тендерот се тркаа две компании – дистрибутерот за „Шкода“ и други брендови за битолскиот регион „Јосифов“, и застапникот за „Пежо“ за Македонија, „Еуроимпекс“.
И покрај скромната конкуренција, електронската аукција со негативно наддавање доведе до значителна заштеда. Наместо првично предвидените 3,9 милиони, МВР потроши половина милион евра помалку.
„Цената поединечно по возило е далеку пониска од комерцијалната вредност на едно возило, така да навистина мислам дека имаме многу успешен проект којшто ќе овозможи и те како зајакнување на капацитетите на министерството за внатрешни работи“,
изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, при промоцијата.
МВР, во моментов, повторно купува нови возила. Сега, вкупно 108 од различни категории. Како тече досега и како ќе заврши оваа набавка?
Комбиња, минибуси…
Новите полициски „пежоа“ веќе станаа вообичаена глетка по градските улици. Сепак, додека задоволуваат голем дел од потребите на полицијата, не се универзални.
Уште во првичниот план за јавни набавки за годинава, МВР има предвидено купување на различни видови интервентни комбиња, минибуси, други видови теренски и патнички возила. Сегашните, велат оттаму, се амортизирани и дотраени, па повеќе не се исплати да се одржуваат. Требало, но возниот парк не бил обновуван постепено.
Набавката е поделена на осум дела. Минатата недела се отворија и понудите.

Најмногу конкуренти, четири, се пријавија за Дел 1 – интервентни комбиња за Секторите за внатрешни работи. „Еуроимпекс“ понуди „Пежо Боксер“ по цена од околу 53 илјади евра за парче или вкупни 2,9 милиони евра. „Аутомотив груп“ понуди „Рено Мастер“, за околу 59 илјади евра по парче, односно 3,2 милиони евра вкупно. „Карго Макс“ нуди „Ивеко Дејли“ за 76 илјади евра по возило или 4,2 милиони евра вкупно. „Аутомобиле СК“ нуди „Фиат Дукато“ – 55 илјади за парче, 3 милиони евра вкупно.
Конкуренција имаше во уште само два дела од набавката.

За Дел 3, теренски камионет со двојна кабина, се јави „Мериториум груп“ со „Фотон Тунланд“, со цена од 35 илјади евра по возило, односно вкупни 422 илјади евра. „Мој Дилер“ понуди возило од истиот кинески бренд „Фотон“, по цена од околу 41 илјади евра од парче, односно околу 498 илјади евра вкупно.

Во Дел 8, патнички возила од категорија М1, се јавија фирмите „Цилаз Лазе“ со модел на кинескиот бренд „БАИЦ“ за цена од 34 илјади евра по парче, односно близу 136 илјади евра вкупно. И, „Толту Моторс“, со кинескиот бренд „Хавал“, со понуда од околу 31 илјада евра по возило или вкупна сума од околу 125 илјади евра.

За дел 4 – Минибуси, Дел 5 – Моноволуменско возило и Дел 7 – товарно патнички моторни возила со двојна кабина се јавија по само една фирма.
За дел 2 – интервентно комбе тип 1 и за дел 6 – интервентно комбе тип 2, не се јави ниту една фирма.
Конкуренција
Како МВР го коментира недостатокот на конкуренција за одредени делови од предметната набавка, па и целосната незаинтересираност во други сегменти? Еве што велат од Министерството.

„Недостатокот на конкуренција не е карактеристичен исклучиво за оваа постапка, туку претставува поширока појава која се забележува во постапките за јавни набавки на државно ниво.
…Од страна на надлежната служба за јавни набавки се преземени активности за создавање услови за поголема конкуренција, меѓу кои и измени на техничките спецификации врз основа на доставените барања и забелешки од економските оператори.“
Ако се погледне внимателно техничката документација и на сегашниот и на претходниот тендер за истите возила кој бил поништен, точно е дека се релаксирани одредени критериуми.

На пример, за делот 1, во стариот тендер се барале возила со преден или погон на сите четири тркала, а сега е дозволен и заден погон.
Потоа, зголемена е максималната дозволена должина на возилото, од 5500 мм на 5750 мм.
Во техничката документација на стариот тендер се барале комбиња исклучиво со ЛЕД светла. Во новата, се дозволува возилата да имаат и постара технологија – халогени светла.
Сите овие измени, велат од МВР, се направени по коментари или забелешки од фирмите, а кои биле прифатени од крајните корисници на возилата – Секторите за внатрешни работи.
Нови возила од ланската година
Но, внимателното разгледување на старата и новата техничка спецификација отвора нови прашања.
Халогените светла експлицитно се дозволени само во Делот 1, Интервентни комбиња за потребите на СВР, а не и во техничката спецификација за останатите седум видови на возила. И, само за Делот 1 е допуштено возилата да бидат произведени и лани, во 2025 година, а за сите други типови на возила се бара да бидат од 2026.

На прашањето, Зошто само за делот 1 е дозволено да се нудат возила произведени и лани, а за другите не, од МВР велат:
„Техничката спецификација е изготвена врз основа на потребите на повеќе организациски единици, при што секоја од нив самостојно ги дефинирала своите барања. Со оглед на тоа што возилата се наменети за извршување различни оперативни задачи, потребите и барањата на крајните корисници се разликуваат.
Важно е да се нагласи дека основниот услов е возилата да бидат нови и некористени, при што е дозволено да бидат произведени во 2025 година или да бидат од тековната моделска година.“
А, за фактот дека МВР има различни стандарди во однос на фаровите во речиси секој од посебните делови…
„Техничката спецификација е изготвена врз основа на потребите на повеќе организациски единици, при што секоја од нив самостојно ги утврдила техничките барања за возилата што ќе ги користи. Со оглед на тоа што возилата се наменети за различни оперативни задачи, постојат разлики во потребите на крајните корисници, а со тоа и во одредени технички карактеристики предвидени во поединечните делови од набавката“,
велат од МВР.
Во моментов, тече проверката на документацијата на компаниите кои се пријавија на тендерот. Доколку нема пропусти кај фирмите аспиранти, ќе се одржи електронска аукција за оние делови од набавката за кои има пријавено повеќе од еден понудувач.
Таму каде што има или ќе остане еден понудувач, нема да има корекција на понудената цена. За деловите без понуда, ќе мора нов тендер.
