Во пожарот целосно изгореле 28 куќи, а 43 се делумно опожарени. Пеплосани се и 106 возила и три угостителски објекти. Штетата врз земјоделските површини, вклучувајќи ги и маслиновите насади, сè уште не е проценета
Познат е обемот на штетата предизвикана во големиот пожар кој избувна во областа на хрватскиот град Омиш ноќта помеѓу 13 и 14 август. Според податоците кои денеска ги објави Сплитско-далматинската жупанија, во пожарот целосно изгореле 106 возила, 28 куќи, седум деловни и три угостителски објекти, како и шест помошни објекти на семејни куќи. Во пожарот целосно се изгорени и 45 пловила кои се наоѓале на брегот.

Сплитско-далматинскиот жупан Блаженко Бобан изјави дека во пожарот делумно се изгорени 43 куќи, 20 возила и девет чамци. Изгорени се околу 1 000 хектари трева, ниска вегетација и борова шума. Штетата врз земјоделските површини, вклучувајќи ги и маслиновите насади, сè уште не е проценета.
Тој најави дека по официјалната истрага и проценката на штетата, ќе поднесе барање до Штабот за цивилна заштита за прогласување природна катастрофа.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ претходно најави дека по проценката на штетата, владата ќе обезбеди финансиска помош за Омиш и околните градови.
Пожарот избувна во шумска област покрај патот во месноста Локва Рогозница вечерта на 13 август. Поради силниот ветер, се прошири до Омиш, зафаќајќи површина долга околу 23 километри и широка 1,5 километр. Во пожарот загина едно лице, најмалку 38 се повредени, а десетмина од нив се хоспитализирани и се во тешка здравствена состојба. Од опожарените подрачја се евакуирани околу 2 000 лица.
Пожарот го гасеа 253 пожарникари со 83 противпожарни возила.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште не се утврдени, а истрагата е во тек.
