Жителите на хрватскиот град Омиш и околината што останаа без куќи, маслинови градини и деловни простории по стравотниот пожар, бараат брза помош од државата за да можат да го обноват она што го изгубиле

Санацијата и проценката на штетите по стравотниот пожар кај хрватскиот град Омиш траат веќе трет ден. Бројни жители останаа без своите домови, маслинови градини и деловни простории. Седуммина повредени и понатаму се во животна опасност – имаат изгореници на 40 до 70 проценти од телото.
Надлежните утврдуваат како избувнал пожарот. Земени се материјални траги и снимки од надзорните камери, при што во истрагата се вклучени форензичари.
Пожарникарите и понатаму дежураат, волонтерите и Црвениот крст им помагаат на луѓето и животните. Локалните власти на оштетените ќе им поделат заштитни фолии за оштетените покриви, а по прогласувањето природна непогода ќе почнат да траат роковите за пријавување штети.
Пожарите на Пељешац, Дуги Оток и кај Галовац се изгаснати или ставени под контрола, додека задарската полиција истражува четири лица што се доведуваат во врска со предизвикување на пожарот.
Пожарот им однесе сè што имале
Жителите на Омиш и околината што останаа без куќи, маслинови градини и деловни простории, бараат брза помош од државата за да можат да го обноват она што го изгубиле.
Туристите што останаа без сместување се згрижени во хотел во Тучепи, а оние што ги изгубиле, нови документи ќе добијат преку полицијата и амбасадите.
Црвениот крст се грижи за педесеттина постари лица, додека угостителите подготвуваат оброци за евакуираните, пожарникарите, полицајците и спасувачите.
Горан Ловиќ бил сведок на почетокот на огнената стихија и за хрватските медиуми пожарот го опиша како катаклизма и порача – „Немојте да нè заборавите.“
Изгорени околу илјада хектари
Државното обвинителство на Република Хрватска потврди дека големиот омишки пожар избувнал во шумски предел покрај патот во Локва Рогозница.
Носен од ветерот, огнот се проширил кон Омиш во појас долг околу 23 километри и широк километар и пол, при што зафатил околу илјада хектари. Причината за пожарот сè уште се утврдува.
Им се помага и на животните
Волонтерите на подрачјето на Омиш трагаат по преживеани и повредени животни и ги носат на ветеринарни прегледи и згрижување.
За настраданите животни се прибираат храна, вода, ќебиња и друга потребна опрема, а помошта ќе продолжи и во следните денови.
Хрватската горска служба за спасување ги предупредува граѓаните да не заминуваат самоиницијативно на опожареното подрачје поради опасност од нестабилно тло, нагорени стебла и висока температура на земјиштето.
