Меѓу луѓето во морето имало и бремена жена во седмиот или осмиот месец од бременоста, како и родители со мали деца

Повеќе од 500 луѓе за време на катастрофалниот пожар во областа на Омиш, Хрватска побарале спас во морето. На помош, покрај Капетанијата на пристаништата, полицијата, царината и другите служби, им пришле и сопствениците на повеќе од 20 приватни чамци.
Во меѓувреме, жителите почнале да се враќаат во своите домови во областите каде што повторно е воспоставено снабдувањето со електрична енергија. Некои останале без сè – куќи, пари, семејни фотографии и спомени, јави ХРТ.
Голема драма се одвивала на море, каде што луѓето бегале пред огнот. Меѓу оние што тргнале да им помогнат бил и Марио Поповац.
Тој со пријателите тргнал кон локацијата каде што луѓето останале отсечени, но додека пловеле низ густиот чад и силниот ветер, слушнале крици од морето.
– Го запрев бродот и во морето видовме десетици луѓе. Беше тешко да им се приближиме и да ги извлечеме, па им пријдовме со крмата, а потоа со весло ги привлекувавме кон бродот – раскажал тој.
Меѓу луѓето во морето имало и бремена жена во седмиот или осмиот месец од бременоста, како и родители со мали деца. Во првата тура Поповац примил на бродот 27 луѓе, меѓу кои седум деца на возраст од четири или пет години.
– Родителите се обидуваа да ги држат децата, но брановите и ветерот ги преплавуваа. Првите две или три тури беа хаотични. Подоцна луѓето се јавуваа од плажите, па пристапот беше полесен – рекол тој.
Тој објаснил дека во почетокот не можеле да ги видат луѓето поради густиот чад, туку ги пронаоѓале следејќи ги нивните крици. Тие плутале на оддалеченост од 50 до 100 метри од брегот.
Во спасувањето со своите чамци се вклучиле голем број граѓани. Поповац го навел примерот на пријател кој со пасара долга четири метри превезувал 20 луѓе, по што тој ги преземал на својот поголем брод и ги носел на безбедно.
– Во нивните очи се гледаше борбата за опстанок и преживување. Мило ми е што сограѓаните излегоа со своите чамци. Сите се разминувавме, си помагавме и си подававме вода едни на други. Луѓето дадоа сè од себе за да ги извлечат другите – изјавил Поповац.
Помош за Омиш веќе уплатиле повеќе градови, меѓу кои Пула, Сињ, Вуковар и Башка Вода. Конечниот износ на штетата сè уште не е познат, но се проценува дека ќе биде огромен.

Инаку, состојбата со пожарот во областа на Омиш е мирна, нема оган ниту чад, а теренот го обиколуваат меѓу 65 и 70 пожарникари со околу 30 возила.
Според првичните увиди, евидентирани се 58 опожарени станбени објекти, 36 возила и 25 пловила, но податоците сè уште не се конечни, ниту е извршена категоризација на оштетувањата.
