„Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој што ќе има утврдена одговорност ќе сноси последици согласно закон“, велат од Владата

Поради актуелната состојба со водоснабдувањето во Гостивар, Владата донесе одлука за итна поддршка на населението. Почнувајќи од денес, па во наредните неколку денови, интервентно ќе се обезбедуваат по 50 000 литри бесплатна вода за пиење дневно, со цел да се задоволат основните потреби на граѓаните додека траат препораките на надлежните институции.
Дистрибуцијата на водата ќе ја спроведува Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, а граѓаните ќе можат да ја подигнат на седум пунктови низ градот:
- Водостопанство – Гостивар на улицата „ЈНА“ бр. 139
- Градинка „Пролет“ на улица „Беличица“ бр. 47
- Средно економско училиште – Гостивар на улица „Живко Брајковски“ бр. 39
- ЈП „Национални шуми“ – Подружница „Шар“ на улица „Браќа Ѓиноски“ бр. 165
- АД ЕСМ – Подружница кај гаражите на улица „Илинденска“
- Општа болница „Ферид Мурад“ – паркинг
- Територијална противпожарна единица на улица „Беличица“ бр. 35
Од Владата нагласуваат дека се во постојана координација со сите надлежни органи кои ја следат состојбата на терен. Оттаму велат дека во тек се интензивни контроли, лабораториски анализи и истражни дејствија за да се утврди што ја предизвикало ваквата состојба во Гостивар.
„Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој што ќе има утврдена одговорност ќе сноси последици согласно закон“,
велат од Владата.
Надлежните упатуваат апел до гостиварци строго да ги почитуваат насоките и препораките од институциите. Информациите во врска со безбедноста на водата треба да се следат исклучиво преку официјалните канали за комуникација со цел точно и навремено информирање.
Од Владата порачуваат дека заштитата на здравјето на граѓаните останува врвен приоритет и дека институциите ќе продолжат да ја даваат потребната поддршка сè до целосно нормализирање на состојбата во Гостивар.
Поради енормниот прилив на пациенти во краток временски период, состојбата официјално се третира како активен епидемиски настан, а Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово денеска ќе донесе соодветна одлука за прогласување епидемија на ова подрачје, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести.
Денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упатила апел до населението од Гостивар да соработува со луѓето што има се јавуваат за епидемиолошко анкетирање и да ги слушаат препораките на здравствените работници во однос на давањето мостри, односно примероци за анализа за микробиолошко испитување.
Од ИЈЗ денеска излегоа со апел дека водата од гостиварскиот водовод не треба да се користи за пиење и готвење ниту по превривање. Препораката од ИЈЗ доаѓа откако претходно Агенцијата за храна издаде забрана за употреба на водата за пиење.
Според најновите податоци, во периодот од вчера до денеска до 8 часот, во Општата болница во Гостивар се регистрирани вкупно 204 прегледи на Инфективното одделение, од кои три лица се хоспитализирани. На Педијатриското одделение се извршени 140 прегледи, од кои 105 се нови случаи, а 35 се контролни прегледи. Во Ургентниот центар помош побарале деветмина граѓани. Од Министерството за здравтсво уверуваат дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна и бројот на хоспитализирани лица останува низок.
