„Според демографијата, географијата и времетраењето на случувањата, неофицијално може да се исклучи храната како извор на проблемот. Другите опции треба да ги потврдат епидемиолозите. Дел од информациите се во надлежност на Јавното обвинителство. Здравствените власти ја следат состојбата и гарантираат соодветен здравствен одговор“, вели тој

Во последните 24 часа во Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар се примени 260 лица, од кои 100 на детскиот оддел и 160 на инфективниот оддел, објави на својот фејсбук-профил министерот за здравство Сашо Клековски по неговата денешна посета на оваа здравствена установа.
Клековски додаде дека во моментот кога тој бил во болницата, имало седум пациенти на детскиот оддел и 20 на инфективниот.
Станува збор за пациенти со стомачни проблеми, дијареја и повраќање, а кај некои имало и висока температура и дехидратација.
„Се третираат со инфузии за дехидратацијата и симптоматски, а најголемиот дел се упатуваат на домашно лекување. Три деца се задржани на набљудување“,
објави Клековски.
Вонредната посета на министерот на гостиварската болница и на локалниот Центар за јавно здравје доаѓа откако беа регистрирани зголемен број на пациенти што се пријавија со слични симптоми, а од СВР Тетово беше откриено дека во градскиот водовод незаконски биле поставени пумпи во корито на истечни отпадни води кои потоа навлегле во системот кој го напојува градот.
Клековски, сепак, не даде конечен заклучок за тоа што била причината за напливот на пациенти, објаснувајќи дека состојбата се истражува.
„Според демографијата, географијата и времетраењето на случувањата, неофицијално може да се исклучи храната како извор на проблемот. Другите опции треба да ги потврдат епидемиолозите. Дел од информациите се во надлежност на Јавното обвинителство. Здравствените власти ја следат состојбата и гарантираат соодветен здравствен одговор“,
додаде тој.
Тој рече и дека досега се земени само 18 епидемиолошки анкети, а недоволно копрокултури.
„За соодветна анализа неопходни се многу повеќе. Разбирајќи ја состојбата на пациентите, апелирам на соработка со епидемиолозите“,
порача Клековски.
Првите случаи во болницата, како што објави министерот, биле регистрирани на 13 јули, во доцните ноќни часови, иако се можни претходни индивидуални случаи.
Вкупниот број досега надминал илјада пациенти, а претпоставениот врв е во последните два дена. Пациентите се од сите возрасни групи, најмногу деца и возрасни со коморбидитети. Повеќето се од Гостивар, но и од околните населени места Вруток, Чегране, Чајле, Дебреште и други.
Клековски го пофали кадарот на гостиварската болница и сите здравствени работници во градот за нивната реакција. Рече дека во болницата има терапија за сите пациенти, а потребите од лекари и медицински сестри на инфективниот оддел се покриваат и од другите оддели.
Повеќе од 1 000 пациенти во изминативе 3-4 дена побарале медицинска помош во болницата во Гостивар. Оттаму велат дека поголемиот број од пациентите се со исти симптоми како повраќање, дијареја, болки во желудникот, температура, омалаксаност.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера изрекоа забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека е сериозно загадена и небезбедна за здравјето на граѓаните.
Од Секторот за внатрешни – Тетово, пак, соопштија дека постојат основи на сомневање дека активности на Јавното претпријатие „Комуналец“ и на Општина Гостивар довеле до загрозување на здравјето на граѓаните на градот. За да го зајакнат притисокот во градската водоводна мрежа, незаконски поставиле пумпи во корито на истечни отпадни води кои потоа навлегле во системот кој го напојува градот.
За разлика од полицијата, од јавното претпријатие тврдат дека пумпите се ставени на 25.6.2026 само за симулација, користени се само кратко време во раните утрински часови за да се провери дали проектот ќе биде функционален и потоа биле исклучени. Таа вода, како што додаваат, во првиот испуст во селото Равен е испуштена во реката Вардар. Ден подоцна направени се анализи и истите се исправни.
Градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани, вели дека во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека стомачни тегоби пријавени од граѓани на Гостивар се предизвикани од водата од градскиот водовод. Тој додава дека причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи.
Екипа на „360 степени“ вчера беше во гостиварската болница каде забележа зголемена раздвиженост.
