Од Агенцијата велат дека на операторот со храна и на одговорното лице им е изречена парична казна, а објектот ќе остане затворен сè додека не се отстранат сите утврдени проблеми

По пријавата за можно труење со храна на шестмина вработени во фабрика во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Штип, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) времено ја затвори кујната која ја обезбедувала храната за вработените.
При вонредниот инспекциски надзор, спроведен во соработка со Државниот институт за јавно здравје Скопје, инспекторите констатирале отстапувања во хигиената од помал обем. Поради ова, на операторот со храна и на одговорното лице им е изречена парична казна, а објектот ќе остане затворен сè додека не се отстранат сите утврдени проблеми.
Од АХВ информираат дека до овој момент сè уште не се пристигнати резултатите од лабораториските испитувања на земените брисеви и мостри од храната.
Случајот беше пријавен во средата, откако шестмина работници со стомачни тегоби побарале медицинска помош, по консумирање оброк на работното место.
Здравствените власти потврдуваат дека четири лица биле прегледани во Клиничката болница во Штип, додека две лица побарале помош во приватни здравствени установи. Ниту еден од вработените не е задржан на болничко лекување.
