Посочи дека ставовите на СДСМ за Изборниот законик не се радикалистички, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку се насочени кон обезбедување сигурен и транспарентен изборен процес
СДСМ ја повика власта да се откаже од предложените измени и да достави решение во кое Државната изборна комисија, со консензус, ќе ги утврдува правилата за гласање на дијаспората
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска соопштија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ има намера да внесе измени во изборниот модел за гласање на дијаспората кои отвораат простор за можни злоупотреби.
На прес-конференција, портпаролката на партијата Богданка Кузеска изјави дека првичниот обид за електронско гласање на дијаспората бил заменет со предлог за гласање по пошта, што не обезбедува доволно контроли и гаранции за заштита на изборната волја.

„Мицкоски и ВМРО немаат намера да се откажат од обидите за манипулација и злоупотреби со над 200 000 гласови од дијаспората. Откако сфати дека не може да го протне шверцерскиот начин за електронско гласање на дијаспората без никака контрола, сега се обидува со некакво гласање по пошта. И повторно без никаква контрола и гаранција за почитување на слободната волја на граѓаните – нов модел и можност за изборни манипулации и нерегуларности. Не му е важна на Мицкоски реформската агенда, тоа му е само изговор. Важен му е само изборниот грабеж“,
рече таа.
Посочи дека ставовите на СДСМ за Изборниот законик не се радикалистички, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку се насочени кон обезбедување сигурен и транспарентен изборен процес.
„Позициите на СДСМ за Изборниот законик не се радикалистички како што сака Мицкоски да ги прикаже. Радикалистички е начинот на кој тој сака да го спроведе изборениот грабеж“,
вели портпаролката.
Кузеска вели дека нејзината партија не е против гласањето на дијаспората, додавајќи дека таа и сега има можност да гласа, но дека се против предложениот модел за промена на начинот на гласање.
„СДСМ не е против дијаспората да гласа, дијаспората гласа и сега. Тоа е лага на ВМРО. Но, сме против начин на гласање кој не обезбедува сигурност, транспарентност и заштита на изборната волја“,
додаде таа.
Според неа, замената на електронското гласање со гласање по пошта, без консензус и целосна улога на Државната изборна комисија во утврдувањето на правилата и контролата, не претставува унапредување на демократскиот процес.
„Тоа создава нови ризици за нерегуларности, злоупотреби и изборни манипулации. Опасно и загрижувачки е тоа што ВМРО категорично одбива ДИК, со консензус, да ги регулира процедурите за гласањето на дијаспората. Од што се плаши власта“,
праша Кузеска.
Од СДСМ прашуваат и зошто, доколку целта е фер и демократски изборен процес, се одбиваат механизми кои обезбедуваат контрола, доверба и консензус меѓу политичките чинители.
„Но, вистината е дека нивната цел не е подобар изборен процес, туку отворање простор за изборен инженеринг и манипулација“,
кажа таа.
СДСМ, додаде дека нема да поддржи изборен грабеж и дека нивна обврска е да го заштитат изборниот процес.
Од партијата повикуваат власта да се откаже од предложените измени и да достави решение во кое Државната изборна комисија, со консензус, ќе ги утврдува правилата за гласање на дијаспората.
Премиерот Христијан Мицкоски во своите јавни настапи изминатите денови ја повика опозицијата на разговори за изнаоѓање модалитети да се реши ова прашање нудејќи дека гласањето не мора да биде електронско, туку може да се одвива и преку пошта.
Потоа од СДСМ рекоа дека партијата е за нов Изборен законик, но не таков што ќе овозможи, како што наведуваат, кражба на изборите по мерка на Мицкоски.
