„Сакаме дијаспората да гласа, како што гласаше и досега – само не сакаме Мицкоски да гласа од Белата палата наместо дијсапората“, велат социјалдемократите од Бихаќка
Нарекувајќи го Венко Заев, со алузија дека актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче е под контрола на поранешниот лидер на партијата, Зоран Заев, од владејчката ВМРО-ДПМНЕ велат дека социјалдемократите се плашат од дијаспората, затоа што знаат дека таа нема да гласа за нив, бидејќи луѓето си заминале од државата поради нивното катастрофално раководење со извршната власт
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска си разменија обвинувања околу измените на Изборниот законик, а според кои и двете партии остануваат зацементирани на своите позиции околу прашањето за начинот на гласање на дијаспората.

Додека од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека со воведувањето електронско гласање за македонските државјани што живеат во странство ќе се овозможи полесен начин тие да го остварат своето изборно право и на тој начин ќе се доближат до татковината, од СДСМ велат со таквиот начин гласање се отвора патот за изборни манипулации што ѝ одат во прилог на партијата на власта. Премиерот, во своите јавни настапи изминатите денови ја повика опозицијата на разговори за изнаоѓање модалитети да се реши ова прашање, нудејќи дека гласањето не мора да биде електорнско, туку може да се одвива и преку пошта.
Од СДСМ во денешното соопштението велат дека партијата е за нов Изборен законик, но не таков што ќе овозможи, како што наведуваат, кражба на изборите по мерка на Мицкоски.
„Сакаме дијаспората да гласа, како што гласаше и досега – само не сакаме Мицкоски да гласа од Белата палата наместо дијсапората“,
велат социјалдемократите од Бихаќка.
Од опозициската партија се осврнуваат и на платформата што ја покренаа активисти и членови на СДСМ од повеќе генерации, за која велат дека не е за демоктратска дебата, туку проект на ВМРО-ДПМНЕ за ослабување и фрагментирање на Социјалдемократскиот сојуз, како и на анкетата објавена вчера во која владејачката партија води пред СДСМ.
„Не се караме со нашите членови, функционери, аналитичари и професори. Оние кои вие ги претставувате како ‘наши’ се ваши сателити и дел од вашиот проект ЗНАМ 2.0. Тоа е ваша конструкција, а не наша. СДСМ разговара со факти, докази и бројки. Голата реторика, популизмот и нарачаните анкети се ваша територија и територија на Орбановите медиуми. Сега велите дека СДСМ е трета или четврта партија во државата, а во анкетата која ја објавивте денеска, СДСМ е втора партија. Во истата анкета покажавте дека ВМРО-ОКГ има пад од 3,5% за само два месеци. Од изборите, според вашите нарачани анкети, вашиот пад е веќе 8%, додека СДСМ расте. Вашата организирана криминална група го презеде синдромот од шефот на бандата Мицкоски, сите многу лажете. Веќе ни самите не знаете што лажете. Како што вели народот: Кој лаже, тој и краде. А вие, како дел од владеачката тендер коалиција, тоа најдобро го знаете“,
се наведува во соопштението од СДСМ.
Од СДСМ го повторуваат својот став за исчекор во евроинтеграции и членство во Европската Унија, каде, како што велат, судството и обвинителството се независни, а за криминалот се одговара.
„За организиран криминал следуваат ‘Шутка’, ‘Идризово’ и ‘Штип’. Токму од тоа се плаши Мицкоски и неговата екипа“,
порачуваат од Социјалдемократскиот сојуз.
Нарекувајќи го Венко Заев, со алузија дека актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче е под контрола на поранешниот лидер на партијата, Зоран Заев, од владејчката ВМРО-ДПМНЕ велат дека социјалдемократите се плашат од дијаспората, затоа што знаат дека таа нема да гласа за нив, бидејќи луѓето си заминале од државата поради нивното катастрофално раководење со извршната власт.
„Венко Заев и СДС денес панично го блокираат Изборниот законик со илјадници амандмани од една единствена причина, бидејќи стравуваат дека македонската дијаспора нема да им ја даде довербата. Токму нивното катастрофално владеење, неспособноста, криминалот, корупцијата и понижувањата што и ги нанесоа на државата ги натераа илјадници граѓани да ја напуштат Македонија. Луѓето заминаа затоа што ја изгубија надежта дека СДС може да обезбеди достоинствен живот. СДС и Венко Заев наместо да покажат минимум одговорност и да овозможат полесно остварување на избирачкото право на иселениците, СДС прави се за да го закочи Изборниот законик“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, блокдата на СДСМ и Левица на измените на Изборниот законик нема никаква врска со демократијата, туку со стравот од уште поубедлив пораз.
Доказ за тоа, додаваат оттаму, е последната анкета каде, како што наведуваат, ВМРО-ДПМНЕ има трипати поголема поддршка о СДСМ, додека довербата во опозицијата паѓа под 100 илјади гласа.
Во таа насока, од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека на нивниот политички опонент му е неопходна суштинска реформа и целосно нов пристап.
„Со доверба од само 6 проценти, граѓаните испраќаат јасна порака дека политиките на СДС не добиваат поддршка. Додека СДС останува на чело со луѓе кои се поврзуваат со криминал и корупција, како Венко Заев, довербата кај граѓаните во СДС ќе продолжи да опаѓа“,
велат од владејачката партија.
Оттаму, дополнително се повикуваат на изјвата на евроамбасадорот Михалис Рокас, кој во петокот рече дека Изборниот законик е добар и оти е потребен консензус за негово донесување.
„Единствени кои остануваат на спротивната страна се СДС и Венко Заев, кои повторно ги ставаат партиските интереси пред интересите на државата и граѓаните“,
велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека СДСМ и Левица колку и да ги блокираат измените на Изборниот законик, не можат да ја сокријат вистината за иселувањето на македонските граѓани и дека следните избори ќе бидат јасен одговор на нивната политика на блокади, поделби и неуспеси.
