„Ние нашите позиции во однос на Изборниот законик јасно ги кажавме и ги образложивме, од што стравуваме, зошто сметаме дека тоа не е добро да биде така формулирано во законот. Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето што живеат во дијаспора, од луѓето што живеат тука? Зошто ние тука гласачите да оставаме отпечатоци од прсти и така натаму, а некој да гласа електронски или да гласа со писмо“, изјави денеска лидерот на СДСМ одговарајќи на новинарско прашање
Тој порача дека останува отворено прашањето зошто Владата инсистира на решенија што отвораат простор за сомнежи во изборниот процес
Претседателот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денеска прашан за коментар на изјавата на евроамбасадорот Михалис Рокас дека Изборниот законик е добар и оти е потребен консензус меѓу власта и опозицијата за разликите што ги имаат за некои прашања, рече дека позициите на СДСМ во врска со овој закон се јасни – нема да дозволат изборен грабеж.

Коментирајќи ја Реформската агенда, конкретно вклученоста на евроамбасадорот во процесот, Филипче рече дека е добро и изрази благодарност до Рокас, затоа, како што кажа, се бори за доброто на оваа земја.
Од друга страна, рече лидерот на СДСМ, жално е што имаме власт која, според него, практично целосно е антиевропска.
Владата, вели тој, нема никакво право да зборува за реформски успеси, кога државата е целосно закочена на европскиот пат, а граѓаните, рече, ги трпат последиците од таквите антиевропски политики.
„Не може да се фалат со добиени 50 милиони евра од реформската агенда кога не е отворено ниту едно поглавје. Вистинските пари кои што доаѓаат од Европска Унија еве видовме ги најавија за Црна Гора 3,2 милијарди евра. Е тоа е вистински успех“,
рече Филипче.
Во однос на обвинувањата на власта дека СДСМ со блокирањето на Изборниот законик намерно ја кочи европската Реформска агенда, тој порача дека станува збор за уште еден изговор со кој премиерот Христијан Мицкоски се обидува да го прикрие сопствениот неуспех на европскиот пат.
„Тоа е само еден дел од изговорите. Ние нашите позиции во однос на Изборниот законик јасно ги кажавме и ги образложивме, од што стравуваме, зошто сметаме дека тоа не е добро да биде така формулирано во законот. Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето кои што живеат во дијаспора, од луѓето коишто тука живеат? Зошто ние тука гласачите да оставаме отпечатоци од прст и така натаму, а некој да гласа електронски или да гласа со писмо“,
кажа претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека за сите граѓани треба да важат еднакви прави при гласањето и дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ со предложените решенија за електронско гласање на дијаспората отвора простор за изборен грабеж, а воедно ги изложува граѓаните во дијаспората на непотребен ризик.
„Зошто да не е еднакво безбеден процесот на гласање за тие што се во земјата и за тие што не се во земјата? Ние за тоа се бориме. Зошто премиерот Мицкоски им става таков товар на нашите граѓани коишто живеат во дијаспора. Некој утре да им каже дека биле дел од изборна измама. Зошто ги изложува на таков ризик тие луѓе? Нека дојдат, нека гласаат тука еднакво како што сите ние гласаме. Тоа е во делот на гласањето на дијаспората и сметам дека имаме рационални аргументи. Аргументите не се само нешто што ние сакаме да кажеме колку да помине или не помине законот, сметам дека се издржани“,
рече Филипче.
Изложувајќи дополнителни аргументи, Филипче реторички праша зошто да не може Државната изборна комисија да одлучува за целокупниот материјал за изборите и зошто мора да се земат предвид, согласно предложените измени, приговорите што се внесени во записниците.
„Може некој нема да ги запише. Нема никаква логика“,
рече Филипче.
Во однос на начинот на гласање, претседателот на СДСМ предупреди дека предложените измени отвораат сомнеж за можни манипулации.
„Зошто да дозволиме различно обележување на гласачкото ливче, што видовме и слушнавме? Како власт манипулира со изборите порано, до пред 10 години? За тоа јасно одредено се заокружува само бројот пред името на основната партија. И за тоа има логично објаснување. Но тоа што премиерот менува еднаш вака, еднаш така, само колку да помине законот, создава сомнеж“,
нагласи лидерот на СДСМ.

Тој порача дека останува отворено прашањето зошто Владата инсистира на решенија што отвораат простор за сомнежи во изборниот процес.
„Секогаш ќе бидеме конструктивни што се однесува на тие закони, но не по цена да отвориме врата за изборен грабеж“,
порача тој.
Премиерот Христијан Мицкоски и денеска изјави оти има уште околу две недели да се постигне консензус и да се донесе Изборниот законик, и ја повика опозицијата на дијалог во врска со гласањето на дијаспората.
Што се однесува до сите други барања на опозицијата, Мицкоски повтори дека како најголема политичка партија се подготвени да ги прифатат, без да дискутираат.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, кој присуствуваше на истиот настан како и Мицкоски во касарната „Илинден“, одговарајќи на новинарски прашања рече дека Изборниот законик, кој е во собраниска процедура, добил позитивни оценки од Европската комисија (ЕК) и од ОДИХР, но за негово донесување е потребен консензус меѓу политичките партии во парламентот. Во моментов, рече тој, се одвиваат дискусии меѓу партиите за одредени модалитети поврзани со измените на законот и додаде оти чувствува дека има добра волја да се надминат несогласувањата кои се појавија меѓу власта и опозицијата за дел од решенијата.
