Тоа е вистинската причина за блокада на Изборниот законик – страв од уште поголем пораз на следните избори, кажа Манасиевски
СДСМ го блокира Изборниот законик со над 10 илјади амандмани затоа што знае дека нема да ја добие поддршката од дијаспоарата на изборите, велат од ВМРО-ДПМНЕ. На денешната прес-конфернеција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, порача дека катастрофалното раководење со државните институции од страна на претходната власт, сојузништвото со криминалот и корупцијата, како и понижувањата на национално ниво, како што рече, натерало голем број сограѓани да ја напуштат државата.
„Венко Заев и СДС не само што ги избркаа граѓаните од државата, сега не сакаат ниту да им го олеснат начинот на гласање на изборен циклус во Македонија, затоа што знаат дека нема да ја добијат нивната поддршка, односно поддршката од страна на македонската дијаспора и поради тоа жестоко го блокираат Изборниот законик со над 10 илјади амандмани. Тоа е вистинската причина за блокада на Изборниот законик. Страв од уште поголем пораз на следните избори“,
рече Манасиевски.
Според него, Изборниот законик го поздравува и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, кој кажа дека Македонија ја исполнува обврската што ја има преземено во делот на испорачување на Реформската агенда и јасно бара консензус на сите политички партии за законот.

Од Левица обвинија дека носењето на Изборниот законик е закочено затоа што од почеток има „заговор“ тој воопшто да не се донесе. На денешната прес-конференција, пратеникот Амар Мециновиќ од Левица рече дека блокадата на новиот Изборен законик е резултат на долгогодишен политички договор меѓу најголемите партии за зачувување на изборниот модел.
„Триесет години партиите ви ветуваат една изборна единица. Нема ништо од тоа. Не се нагласува, не се наговестува. Од оваа констелација на парламентарниот состав моментално при воведување на една изборна единица, сите партии имаат да изгубат, освен Левица. Сите партии го компромитираат процесот за носење на една изборна единица. Триесет години ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги кројат правилата на игра за да им одговара нив. Затоа и сега електронското гласање на дијаспората беше заговор кој ВМРО-ДПМНЕ им го даде на СДСМ за да го оправда нивното блокирање“,
рече Мециновиќ.
Во однос на обвинувањата на власта дека СДСМ со блокирањето на Изборниот законик намерно ја кочи европската Реформска агенда, Филипче вчера порача дека станува збор за уште еден изговор со кој премиерот се обидува да го прикрие сопствениот неуспех на европскиот пат.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави оти има уште околу две недели да се постигне консензус и да се донесе Изборниот законик, со што земјата би била најдобра во новиот извештај на Европската комисија, како што била и во претходниот, во декември лани.
