Оттаму информираат дека резервниот систем за климатизација функционира непречено и обезбедува соодветни услови за работа на медицинскиот персонал и за третман на пациентите
Според ресорното министерство, намалениот број хируршки интервенции во летниот период е вообичаена појава и не е поврзан со состојбата на системот за климатизација
Од Министерство за здравство денеска соопштија дека сите хируршки сали во Клиничкиот центар во моментов се во целосна функција, отфрлувајќи ги тврдењата на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) за прекин во работењето на оперативните капацитети.

Реагирајќи на обвинувањата изнесени од СДСМ, од Министерството апелираат сите информации поврзани со функционирањето на здравствениот систем претходно да бидат проверени за да се избегне создавање непотребна загриженост кај граѓаните.
Според Министерството, Клиниките за торакална хирургија, кардиохирургија, урологија, детска хирургија, пластична хирургија, дигестивна хирургија и оториноларингологија непречено ги третираат сите пациенти, вклучително и оние предвидени за елективни оперативни зафати.
„Во овие клиники нема одложување на оперативната програма. На Клиниката за ТОАРИЛУЦ во моментот се згрижуваат итните пациенти согласно тековната организација на работата“,
се наведува во соопштението од ресорното министерство.
Оттаму информираат дека резервниот систем за климатизација функционира непречено и обезбедува соодветни услови за работа на медицинскиот персонал и за третман на пациентите.
„Бројот на хируршки интервенции бележи намалување во летниот период, што е вообичаена појава и не е поврзана со состојбата на системот за климатизација“,
додаваат од Здравство.
Од Министерството дополнуваат дека намалениот број хируршки интервенции во летниот период е вообичаена појава и не е поврзан со состојбата на системот за климатизација.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска соопштија дека дефектот поради кој не функционираат дел од хируршките сали во Клиничкиот центар претставува уште еден показател за лошата состојба во здравствениот систем.
На прес-конференција пред зградата на Хируршките клиники во Клиничкиот центар во Скопје, Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ, изјави дека поради дефект се откажуваат однапред закажани операции и интервенции што не се оценети како итни.
Според неа, засегнати се операциите на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентниот центар.
Побара итно санирање на дефектот и повторно ставање во функција на хируршките сали за да се овозможи непречено лекување на пациентите.
