Младеновска посочи дека се засегнати операциите на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентниот центар
Од опозицискиот Социјадемократски сојуз (СДСМ) денеска соопштија дека дефектот поради кој не функционираат дел од хируршките сали во Клиничкиот центар претставува уште еден показател за лошата состојба во здравствениот систем.

На прес-конференција пред зградата на Хируршките клиники во Клиничкиот центар во Скопје, Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ, изјави дека поради дефект се откажуваат однапред закажани операции и интервенции што не се оценети како итни.
Според неа, засегнати се операциите на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентниот центар.
„За две години Мицкоски и ВМРО го доведоа здравството до колапс. Сред лето, на пеколни температури, хируршките сали во Клиничкиот центар не работат – системот е во дефект. Се откажуваат однапред закажаните операции и оние за кои е проценето дека не се итни. Откажани се операции на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар. Ова е уште еден доказ за целосната негрижа и неспособност на оваа Влада и на Министерството за здравство, да обезбедат елементарни услови за функционирање на здравствениот систем“,
вели таа.
Оцени дека станува збор за сериозен проблем кој го доведува во прашање функционирањето на здравствениот систем и безбедноста на пациентите.
„Кога во хируршките сали нема услови за работа, не се одложуваат само операции, туку и надежите на пациентите за оздравување. Се одложуваат нечии надежи за оздравување, се продолжува нечија неизвесност, се доведува во прашање безбедноста на пациентите“,
рече Младеновска прашувајќи кој ќе понесе одговорност доколку дојде до компликации кај пациенти поради одложувањето на интервенциите.
Ја обвини Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски и Министерството за здравство за негрижа кон здравствениот систем, наведувајќи дека не се обезбедени основни услови за негово нормално функционирање.
„На една влада секој пациент треба да ѝ биде важен. Здравјето и нечиј живот не смее да се третираат селективно.
кажа таа.
Но, на владата на ВМРО поважно ѝ е да има пари за партиски тендери отколку за функционален и одржлив здравствен систем. Во буџетот нема пари. На средина од годината дефицитот е целосно истрошен, а државата ја задолжија со нови 2,5 милијарди евра. Ништо од тие пари не е за мерки за граѓаните, за плати и пензии, ниту, пак, за инвестиции во здравството“,
Од СДСМ бараат итно санирање на дефектот и повторно ставање во функција на хируршките сали за да се овозможи непречено лекување на пациентите.
„Пациентите не смеат да бидат жртва на неспособноста, негрижата и лошото менаџирање на оваа криминална власт“,
додаде Младеновска.
„360 степени“ на 25 јуни објави дека салите кои беа промовирани на почетокот на април, и тоа во присуство на премиерот, претседателот на Собранието и повеќемина министри, сè уште не се ставени во функција.
Следниот ден, ресорниот министер Азир Алиу соопшти дека тие ќе проработат најдоцна до 4 јули.
Посочи дека во тек се процедурални проверки, негирајќи дека имало пропусти, иако дел од директорите на хируршките клиники пред извесно време на состанок во Министерството укажале на низа проблеми.
На прашање на „360 степени“ – зошто се правеше маркетинг уште во април, Алиу кажа дека ако не ги промовирале тогаш, сега физички не би можеле да влезат, оти во тек е верификациска постапка.
А ги промовирале оти смета дека тоа им е работа – да покажат како ги трошат парите на граѓаните.
