Министерот за здравство Азир Алиу не гледа проблем во тоа што шесте операциони сали беа промовирани како комплетно реконструирани уште на 6 април, а до денес не се ставени во функција. Тврди дека е во тек верификациска постапка. „Ако нешто се промовира, тоа не е маркетинг, туку е услуга којашто граѓаните треба да ја знаат и инфраструктура за која граѓаните треба да бидат информирани“, рече денеска Алиу
Претходно в.д. директорот на Клиниката за детска хирургија, Лазо Јовчески, во изјава за „360 Степени“ кажа дека пред извесно време, на состанок во Министерството помеѓу претставници на изведувачот, клиниките и инвеститорот, од страна на директорите на Клиниките било укажано на низа недостатоци во изведувањето на проектот за кои изведувачот презел обврска дека ќе ги отстрани

Најдоцна до 4 јули шесте реконструирани и одамна промовирани операциони сали на Хируршките клиники во Скопје ќе може да ги примат првите пациенти за интервенции. Ова денеска го кажа министерот за здравство Азир Алиу откако „360 степени“ вчера објави дека салите што беа промовирани како комплетно реконструирани на почетокот на април, со присуство на премиерот, претседателот на Собранието и повеќемина министри, сè уште не се ставени во функција.
„Странските експерти што во моментов работат ми рекоа дека до 29 јуни максимум целата верификациска постапка ќе биде завршена. Еве, јас им давам можност плус еден ден – до 30 јуни тоа да биде завршено, и после 3 дена, според Институтот за јавно здравје, треба трипати да има негативни резултати од брис. Бидејќи за еден брис, за еден наод треба 24 часа, значи плус три дена, цениме дека до 3 максимум 4 јули, операционите сали треба да имаат пациенти внатре коишто ќе бидат опслужени со здравствени услуги“,
рече Алиу.
Тој тврди дека во тек се процедурални проверки и негира дека имало пропусти, иако дел од директорите на хируршките клиники пред извесно време на состанок во Министерството укажале на низа проблеми.
„Ако ви давам датуми и ви велам дека веќе се верификуваат сите инсталации, значи дека нема пропусти, туку има фаза на верификација. Имаше само едно барање од типот – за миење раце било помало отколку што тие очекувале, па било сменето. Како и да е, овој период нема врска дали има пропусти, туку со административни процедури кои се неопходни, и тој протокол мора да го следиме“,
кажа Алиу.
На прашање на „360 степени“ – зошто се правеше маркетинг уште во април, министерот Алиу одговори:
„Ако нешто се промовира, тоа не е маркетинг, туку е услуга којашто граѓаните треба да ја знаат и инфраструктура за која граѓаните треба да бидат информирани. Впрочем, тоа е во опис и попис на Министерството и на министерот и на Владата, да ги објави транспарентно сите активности бидејќи активности поврзани со реконструкција значат и трошење јавни средства, за кои ние мора да дадеме отчет – колку се трошени и зошто се трошени. Јас воопшто не гледам тука маркетинг, освен отчетност на Владата кон граѓаните, бидејќи тоа се пари на нашите граѓани. Зошто го промовиравме – бидејќи сега на пример и да сакаме да одиме таму, таа група што нè видовте таму тогаш, најверојатно 20 или повеќе од 20, физички нема да можеме да одиме таму, бидејќи едно е инфраструктурно да биде операционите сали завршени, а друго е да бидат спремни за операции, бидејќи сега веќе во таа фаза е проектот – буквално се верификува секоја инфраструктура, почнувајќи од техничка, градежна и оперативна, за да може да се добие документот за работа на операционите сали. Вториот момент е дека мора да поминат трипати со негативен резултат брисевите“.
Инаку, на 6 април годинава, недостасуваше само претседателката за целиот државен врв да присуствува на промоцијата на шест реконструирани хируршки сали во Клиничкиот центар во Скопје. Од нив, две се за ТОАРИЛУЦ, две за Урологија и две за Клиниката за детска хирургија.
Обновените шест простории се дел од проектот за реконструкција на вкупно 10 операциони сали. Договорот на Здравство со фирмата „Стентон градба” тежи 4,5 милиони евра, а проектирањето, ревизијата и изведбата се предвидени по принципот „клуч на рака“.

Што поскоро отворање на операционите сали е од големо значење за засегнатите хируршки клиники. Затоа ги побаравме првите луѓе на трите споменати клиники – ТОАРИЛУЦ, Урологија и Клиниката за детска хирургија.
Како што објавивме вчера, иако беше во странство, прв ни одговори в.д. директорот на Детска хирургија, Лазо Јовчески. Тој немаше точна информација кога салите би биле пуштени бидејќи проектот го води ресорното министерство. Но, ни изјави дека салите имале недостатоци.
„Пред извесно време, на состанок во Министерството помеѓу претставници на изведувачот, клиниките и инвеститорот, од страна на директорите на клиниките беше укажано на низа недостатоци во изведувањето на проектот за кои изведувачот презеде обврска дека ќе ги отстрани. За ова постои документација во Министерството. После коригирањето на недостатоците, ќе чекаме употребна дозвола и ќе ги тестираме инсталациите за електрична енергија, инсталациите за гасови, вентилацијата и доколку соодветствуваат на пропишаните стандарди, ќе спроведеме микробиолошки тестови неопходни за почеток на работа на салите. Од погоре наведените причини, не би можел да одговарам кога ќе профункционираат салите. Сѐ надевам дека ќе биде многу скоро, но тоа е надвор од нашата контрола како установа“,
кажа Јовчески и посочи дека во меѓувреме Детска хирургија се снаоѓа за да не трпат пациентите.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски, првично ни кажа дека се координира за да ни даде изјава, но до објавување на прилогот вчера не добивме негов став. Изјава во камера не даде ни директорот на Урологија, Башким Шабани. Телефонски ни посочи дека во моментов се спроведува технички прием, но и дека операциите не се во застој оти персоналот работи во две смени.
Министерот Алиу денеска посочи дека се работи за врвни сали со светски стандарди, кои ќе имаат 100 години гаранција и ќе бидат мобилни, што значи можност за нивно преместување од една во друга зграда, доколку има потреба.
Откако ќе се пуштат првите шест, ќе почне реконструкцијата на преостанатите четири сали.
